Апаратот, огноотпорен 22 секунди на температура од 1.800 степени, ги регистрира на пример пулсот на возачот, нивото на кислород во крвта и друго, за да се добие подобра слика за тоа што се случува во болидот
Формула 1 е спорт со мноштво податоци, за секој дел од болидот, од тоа каде се врти тркалото, до тоа, на пример, колкава површина од гумата допира на подлогата. Но до сезонава малку податоци имаше за самите возачи. Тоа ги инспирирало д-р Иан Роберт и Алан ван дер Мерве да осмислат направа со која ќе се добие подобра слика за тоа што се случува во болидот, особено по евентуален инцидент, објави „Њујорк тајмс“
Тие развиле подвижен сензор на батерии, за надгледување на возачот.
Според идејата, сензорот требало да биде издржлив, огноотпорен, флексибилен и незабележлив. Од годинава секој возач го има тој сензор во ракавиците.
Податоците се пренесуваат до апликација на мобилни телефони што на медицинскиот тим му даваат информации за состојбата на возачот. Апаратот, кој е огноотпорен 22 секунди на температура од 1.800 степени, ги регистрира на пример пулсот на возачот, нивото на кислород во крвта и друго.
Податоците во иднина ќе бидат употребени и за истражувања и за развој. Според информациите, апаратот предизвикал интерес и надвор од Формула 1, на пример кај алпинистите што се искачуваат на Монт Еверест.