Грција

Грција е погодена од најлошиот топлотен удар од 1987 година, предупреди премиерот Киријакос Мицотакис. Од четвртокот Грција минува низ топлотен бран, чиј врв се очекува денеска, соопштија метеоролозите. Таа земја беше погодена од сличен топлотен бран во 1987 година. Тоа најмногу ја погоди Атина, оставајќи повеќе од илјада жртви, поради недостиг од климатизација и атмосферска загаденост.
– Се соочуваме со најлошиот топлотен бран од 1987 година, што доведе до големо оптоварување на електричната мрежа – додаде Мицотакис по состанокот со претставниците на грчкиот оператор за дистрибуција на електрична енергија „Адмие“.
Метеоролозите предвидуваат температура од 40 до 42 Целзиусови степени на островите и од 41 до 43 на копното, а максимални 44 и 45 на Пелопонез и во Тесалија. Во Атина температурите ќе надминат 40 степени, со максимални 43 степени.
Во текот на викендот избувнаа повеќе пожари во Грција, особено на Родос и Пелопонез.