КОЊИЧКИ СПОРТ
На терените во Волково, во организација на коњичкиот клуб Вивакс од Скопје, се одржи четвртиот „Јулски коњички турнир“, како и 5-то коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки. На програмата беа четири натпревари во прескокнување пречки, во класите А, Б, Ц и Д, со висина на поставените пречки од 0,90, 1,20, до 1,30 метри.
Во класата А, со висина на пречки 1,20 -1,30 м, победи Зоран Јовановиќ со грлото „Страординарија“ од клубот Бравадос. Во класата Б, со висина на пречки од 1,10 м, со бараж 1,20 м, триумфира Меланија Атанасовска, со грлото „Калатус“ од клубот Процес. Во класата Ц, со висина на пречките од еден метар со бараж 1,10 м, најдобра беше Ева Димитриевска со грлото „Ерос“ од клубот Бравадос. И во класата Д, со висина на пречки од 0,95 до еден метар, најмногу покажа Петар Милошевски со грлото „Колдплеј“ од клубот Бравадос.
Следното, финално 6-то коло од првенството на Македонија за годинава е на 10 октомври, во организација на ККС Илинден, а ќе се одржи на хиподромот во Маџари. Претходно, на 11 септември, е планирано 3-то коло од Лига-првенството, а на 25 септември и 4-то финално коло од Лига-првенството.