Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ денес во Кичево го одржа својот четврти протестен марш, против референдумот што ќе се одржи на 30 септември. Протестниот марш започна од пред железничката станица и многубројната маса луѓе својот пат го заврши на градскиот плоштад, каде лидерот на партијата Христијан Мицкоски имаше подолго обраќање.
Тој во својот говор главниот акцент го стави на работењето на актуелната Влада и пропустите кои таа ги прави во текот на изминатиот период и нагласи дека оваа Влада е најнеуспешната која воопшто ја имала оваа земја. Апелираше до членството на својата партија да бидат единствени и сплотени затоа што Македонија е се што имаме.
-Повеќе нема да дозволиме да си ја погазиме нашата татковина Република Македонија. Ако не извлечеме поука од историјата која еднаш веќе се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, па ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежјиа од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни,помудри и поискусни. Денес овде стојам пред вас од преубавото Кичево и можам да заклучам дека Македонија е на голем крстопат. Повеќето патишта за жал се погрешни, некои водат кон слепа улица, а некои за жал во провалија. Од нас зависи каков пат ќе избереме- посочи Мицкоски и во понатамошниот говор истакна дека, против Македонија се води специјална војна и дека не може да влеземе во Европската унија ако државата е прогласена за најкриминална на стариот континент и сето тоа е потврдено од Советот на Европа.
-Не може да велиме дека сме за Европската унија, кога ги гушиме основните слободи и права, ако сте против сечата на Водно ви праќаат багери да ве газат. Ако политички опонирате со аргументи еднаш против вас се монтира случај и ве викаат на распрашување. Ако си ја сакаме државата веднаш ќе ве вклучат во случајот 27 април и можеби и терорист ќе ве направат. Во ЕУ нема друг случај каде пратеници и уметници одговараат за тероризам кој не се случил. Нема друга опозиција во Европа која не е под толку жесток притисок со загрозени права и слободи– додаде лидерот на опозицијата Мицкоски.
Во понатамошното обраќање ги опфати и останатите сегменти на раководење на властa и насоките на членството во понатамошниот период.
Зоран Антоски Кичево