Скопјани во четвртокот, некаде по 13 часот, на автобуските станици низ градов цел час чекале автобус на линијата со бројот 19. Возачи од други линии ги информирале дека поради акциска контрола автобусите доцнат. Вчера од Министерството за внатрешни работи информираа за реализираната акциска контрола на 110 автобуси и други возила што вршат јавен превоз. Контролираните возила имале низа неправилности, како неисправен уред за кочење, неисправни светлосно-сигнални уреди, неисправен уред за управување, непродолжена регистрација и недостатоци на опремата.
При извршената контрола, 25 возила што вршат јавен превоз на патници биле упатени во станица за технички преглед на дополнителни проверки. Како што информираат од МВР, преземени се вкупно 33 мерки за сторени прекршоци, односно издадени се 15 прекршочни платни налози, 12 возила се исклучени од сообраќај и поднесени се шест барања за поведување прекршочна постапка.
Акциската контрола била реализирана во периодот од 10 до 14 часот, од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје за откривање, документирање и санкционирање прекршоци во поглед на техничка исправност на возилата што вршат јавен превоз на патници.