„Во овој крај се случиле прочуени битки со Римјаните, кои ги изучуваме во историјата, и кај Требелиј Полион читаме дека (императорот) Регалијан тука однел многу победи и донел многу плен во Скопје, со што заслужено триумфирал по неговото враќање“, вели, меѓу другото, патописецот
Англискиот доктор и патописец Едвард Браун го посетил Скопје во 1669 година, дваесетина години пред Пиколомини да го запали Скопје. Тој податок е исклучително важен, бидејќи доктор Браун дава некои прецизни описи на Скопје пред да биде опожарено до темел. Патописецот, кој патувал од север кон југ (од Белград кон Лариса), пристигнал преку Катланово во Скопје (SKOPIA), „град со голем промет и најголем од сите други градови што се во околијата. Скопиа или Скупи, или како што Турците го нарекуваат Ускопиа, се наоѓа на работ на Горна Мизија или поточно на границата на Македонија, во подножјето на Монт Орбелиус (Скопска Црна Гора), на брегот на реката Вардар или Аксиус, во еден многу убав и пријатен крај, со еден дел градот е на ридот, а вториот е во рамнина. Во почетокот во него имаше епископија, а потоа архиепископија. Меѓутоа, иако денес не постои ни едната ни другата, тоа не значи градот да не биде убав и добро населен“.
Потоа, Едвард Браун се задржува на производството на еден вид кожа според која Скопје го препознавале во светот. Тоа е кордованот (жолт сафтијан) за кој и патописецот има комплименти: „Во овој град има седумстотини кожари, кои ги обработуваат кожите во големите камени корита. Прават убави кожи, а потоа ги праќаат на продажба во сите странски земји. Има и неколку интересни гробници (теќиња), повеќе убави куќи како онаа на кадијата и на емирот, кој е еден од потомците на Мухамеда, чиј татко бил мошне почитуван во овој крај. Во дворот на овој емир се наоѓа една фонтана, една од најубавите што сум ги видел досега. Нема личност што фонтаната не би ја сметал за дворец. Таа има повеќе кули од чии врвови излегува вода, и тоа во изобилно количество“. Оваа фонтана-дворец, за која зборува Браун, навистина била чудо во чаршијата за која зборуваат и други патописци.
Патописецот детално ја опишува и внатрешноста на скопските куќи во кои се оди само по килими, а таваните се поделени на триаголници и четириаголници, и други слични геометриски фигури, кои биле позлатени и обоени во разни бои на кои не биле прикажани сцени од флората и од фауната. Особено е интересен податокот дека во чаршијата се наоѓал плоштад покриен со олово. Веројатно тој плоштад бил дел од покриената чаршија, иако збунува податокот дека плоштадот бил покриен со олово, а не со дрвена граѓа како што обично се практикувало.
Во овој патопис за Скопје, доктор Браун поставува уште една загатка, која е уште поинтересна бидејќи може да се поврзе со една актуелна ситуација и неодамнешно откритие. Ако во „Чифте-амамот“ е пронајдена плоча со латински натпис, Браун исто така зборува за еден стар латински натпис испишан на столб. Многу интересна коинциденција. Патописецот вели дека постоела една мала река (најверојатно Серава), каде што постоел камен останат од стар столб, на кој пишувало SHIAN. Бидејќи Серава проаѓала и покрај „Чифте-амамот“, не е исклучено во близината на амамот и малата река да постоеле стари римски објекти. Нивните руинирани остатоци можеби подоцна биле употребени при изградбата на разни објекти во чаршијата, а биле вградени и во самиот амам. Таков начин на градба на нови објекти од антички остатоци е вообичаен за Скопје дури и во подоцнежните времиња. На пример, се случувало олтари од стари цркви или други градби да бидат вградувани во ѕидовите на Калето. Градителите го користеле материјалот што им бил при рака. Допрва треба да се истражува што од антиката е останато во чаршијата, за што впрочем се залагале и познатите археолози што престојувале во Скопје. Треба да се има предвид дека во уличката наспроти „Чифте-амамот“ постоеја многу стари објекти, кои со текот на времето беа деструирани во простории за разни намени, па и за кафулиња.
Ваквата теза спонтано произлегува и од тврдењата и описите на самиот Браун, кој скопската историја сосема подразбирливо ја поврзува со Римјаните. Еве што вели тој: „Во овој крај се случиле прочуени битки со Римјаните, кои ги изучуваме во историјата, и кај Требелиј Полион читаме дека (императорот) Регалијан тука однел многу победи и донел многу плен во Скопје, со што заслужено триумфирал по неговото враќање“. Како што може да се види од овој патопис, станува збор за сложено испреплетување на историските факти, чии знаци опстојуваат до денес. Браун во патописот не ја допира само историјата туку и природата во и околу Скопје: „Тука можат да се забележат повеќе убави места, како во градот, така и надвор од него, кои се сите засадени со дрвја, опколени со ридишта и долини и мошне убави и пријатни“. Сите овие опсервации на доктор Браун се дел од значајните патописи подготвени од д-р Александар Матковски, кои сѐ уште не се доволно истражени и проучени.