Јужна Африка има еден од најлибералните устави, кој дозволува истополови бракови за сите и полигамија, но сѐ уште не ја легализира полиандријата
Предлогот на јужноафриканската влада да ја легализира полиандријата, кога жената има повеќе од еден сопруг истовремено, доведе до силни протести во конзервативните кругови. Ова не го изненадува професорот Колис Мачоко, познат академик специјализиран за ова прашање.
– Африканските општества не се подготвени за вистинска еднаквост. Не знаеме што да правиме со жените што не можеме да ги контролираме – вели тој.
Јужна Африка има еден од најлибералните устави, кој дозволува истополови бракови за сите и полигамија.
Бизнисменот и телевизиска личност Муса Мселеку, кој има четири жени, е меѓу оние што најгласно се спротивставуваат на полиандријата.
Професорот Мачоко ја истражувал полиандрија во неговата родна земја – соседната Зимбабве. Тој разговарал со 20 жени и 45 сопружници што го практикувале овој обичај, иако ваквите бракови сè уште се табу во општеството и не се законски признаени.
– Полиандријата, бидејќи беше одбиена од делови од општеството, беше принудена да се одвива нелегално. Тајноста е слична на онаа на масоните. Кога се соочуваат со нешто што не им е познато или не му веруваат, дури негираат дека постои таков брак. Сите од страв од одмазда и прогон – вели Мачоко.
Учесниците во студијата на професорот Мачоко живееле одделно, но биле посветени на полиандриската заедница и отворени меѓу себе.
– Една жена ја негуваше идејата да практикува полиандрија, откако на 12-годишна возраст дознала дека кралицата има многу пчели со косопрузи во кошницата. Кога порасна, имаше секс со повеќе партнери одеднаш и сите знаеја едни за други. Четворица од нејзините сегашни девет косопрузи беа во таа прва група на нејзини момчиња. Во полиандријата, честопати жената е таа што иницира врски и ги повикува сопрузите да ѝ се приклучат на нејзината заедница – информира Мачоко.
Некои ѝ плаќаат на невестата, други одлучуваат да придонесат за нејзино издржување. Таа има моќ да го отстрани нејзиниот сопруг ако верува дека ги дестабилизира нејзините други односи. Професорот Мачоко вели дека љубовта е главната причина што интервјуираните мажи изјавиле дека се согласиле да станат косопрузи. Тие не сакаа да ризикуваат да ја изгубат сопругата. Некои мажи се осврнале и на фактот дека не ги задоволувале сексуално своите жени, па се согласиле на предлогот да станат косопрузи за да избегнат развод или прељуба.
Друга причина е неплодност – некои мажи се согласија дека жената треба да земе друг сопруг за да може да има деца. И на тој начин, мажите „ќе си го обелат образот“ во јавноста и избегнуваат да бидат жигосани како некој што е „лишен од мажественост“.
Професорот Мачоко вели дека не бил свесен за постоењето на полиандрични бракови во Јужна Африка. Сепак, активистите за родови права ја повикаа Владата да ги легализира ваквите заедници во интерес на еднаквоста и слободата на избор, бидејќи законот во моментов дозволува мажот да има повеќе од една жена. Нивниот предлог е дел од документот – официјално познат како Зелена книга.
– Не смееме да заборавиме дека оваа Зелена книга сака да ги почитува човековите права и тоа никогаш не смее да се заборави – апелира Шарлин Меј, активистка на Женскиот правен центар, адвокатска компанија што се бори за правата на жените.
Документот исто така предлага законски да се признаат муслимански, хиндуистички и еврејски бракови. Иако повеќето заедници генерално го поздравуваат, предлогот за легализација на полиандријата е осуден меѓу свештенството, кое има места во парламентот. Лидерот на опозициската Африканска демократска христијанска партија, Кенет Мешо, рече дека тоа „ќе го уништи општеството“. Ги повикуваат Јужноафриканците да не одат „предалеку“ со принципот на еднаквост.
Но професорот Мачоко забележува дека полиандријата некогаш се практикувала во Кенија, Демократска Република Конго и во Нигерија и дека сè уште се практикува во Габон, каде што законот го дозволува тоа.
– Со доаѓањето на христијанството и колонизацијата, улогата на жените беше тотално сменета. Тие веќе не беа еднакви. Бракот стана едно од средствата за воспоставување хиерархија – истакнува тој.