Владата во партнерство со Светска банка работи на покревање на сајбер безбедноста во Република Македонија. Со СБ е направен извештај во кој се лоцираат слабостите и се даваат препорака, а врз основа на тоа Владата веќе изработи Стратегија за периодот 2018-2022 година и акциски план.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција денеска рече дека во Македонија институциите се прилично ранливи на сајбер криминалот и оти свеста за опасноста од сајбер криминалот е многу ниска, а ова е важно со оглед на тоа што се работи на воведување повеќе електронски услги.
– Овој проблем не смееме да го занемариме. Прво заради нашите граѓани, но е и од исклучителна важност во процесот во кој влегуваме, а тоа е евроатланската интеграција, рече Манчевски и додаде дека не смееме да дозволиме Македонија да остане надвор од оваа глобална битка против сајбер криминалот.
Сите активности, како што посочи, се преземаат пред да се воведе електронскиот регистар на население и другите видови електронски услуги за граѓаните да имаат доверба.
– Наскоро ќе го воведеме националниот електронски регистар. Граѓаните од почетокот на 2019 година ќе го имаат својот електронски идентитет и затоа пред се довербата на граѓаните во функционирање на службите и на безбедноста на нивните податоци и безбедноста од сајбер закани е многу важно. Затоа ние како држава мора да направиме се што е во наша надлежност да ја обезбедиме приватноста на граѓаните и безбедноста на нивните податоци од една страна, но од друга страна да обезбедиме и националната безбедност, рече Манчевски.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели истакна дека ваква активности се спроведуваат во 60 други земји и оти преку таа програма се овозможува на владите да ги утврдат областите на интервенирање.