Низ страниците на македонската литература за деца: „Јаготки“ од Цане Андреевски

Тоа дете живееше во еден голем град. Можеби некому му раскажувало што му се случи ова лето. На тие што не им кажало, јас ќе им раскажам.
Дојде лето и фатија големи горештини. Сонцето пече ли пече. Постарите луѓе пиеја пиво, а децата малина и лижеа сладолед. Голема горештина! Нема што: луѓето и децата се разладуваа, а и што друго може да се прави?
Мајка му и татко му на Ристе, така се викаше тоа дете, решија да го испратат кај баба му на село, зашто, како што му велеа, таму немало големи горештини и тој ќе се поправел.
Решено – сторено. Со една роднина од село, се качи Ристе на возот и по два-три часа ете ти го в село.
Баба му не можеше да му се нарадува. А пак дедо му за да го нагости, извади мед од улиштата. Ристе гледаше како дедо му го вадеше медот и тоа му се стори многу лесна работа. Медот го стопија и го кладоа в грне. Секое утро баба му му даваше мед на Ристета.
Сѐ ќе беше добро ако едно утро Ристе не се сетеше дека и тој би можел да извади мед од улиштата. Беше сончево утро и пчелите одамна беа започнале да работат. Едни излегуваа и одеа кон полето, да бараат цветови. Други се враќаа. Ристе сакаше сите пчели да ги напади в поле, па тој да може спокојно да вади мед. Затоа, зеде една прачка и со неа почна да буричка во едно улиште. Но пчелите не мислеа како него. Тие осетија дека некој ги напаѓа и многу од нив излетаа надвор, па почнаа да се вртат околу Ристе. Нивното зуење му ги заглуши уште. Но тој сѐ уште не се тргаше. Тогаш две пчели го каснаа: едната по челото, а другата во десната нога. Од болка Ристе писна и почна да бега.

Пчелите летнаа по него да го гонат. Дури кога влезе во собата при баба си, се спаси од нив. Баба му се зачуди зошто плаче нејзиното внуче и загрижено го праша:
– Што ти е Ристе? Кој те тепаше? Да не си паднал некаде?
А Ристе од плач не можеше да одговори, но најпосле почна да вика:
– Боли, бабо, боли! Пчелите… пчелите ме укасаа…
Навистина и баба му виде дека пчелите го укасале, па ги извади осилата, бргу излезе надвор, донесе зелени ливченца од босилек и со нив ги натри укасаните места. Тогаш му рече:
– Ти си ги задирал пчелите. Мирните луѓе тие не ги касаат.
– Не бабо, не сум ги задирал, туку сакав само да извадам малку мед.
– Ех, ти, бабино внуче, зарем ти ќе вадиш мед?
– А дедо како вади?
– Дедо ти кога вади мед, тој е мирен и не ги задира пчелите, а ти којзнае што си им правел?!
Ристе и не помислуваше веќе сам да вади мед. Полесно му беше да си касне мед од бабиното грне.


За авторот

Цане Андреевски е современ македонски писател. Роден е во 1930 година во Кратово и на 10 јули ќе наполни 91 година. Му посакуваме да го заокружи животниот век.
Андреевски основно образование завршил во родното место, Учителска школа во Скопје, каде што дипломира на Филозофскиот факултет, на групата Историја на литературата на народите на Југославија.
Догогодишен новинар и уредник бил во Македонско радио – Радио Скопје.
Почнува да пишува уште како ученик, а како студент објавува свои творби во литературни списанија. Негова прва книга е стихозбирката за деца „Сончева порака“, а потоа ја објавува и збирката раскази „Јаготки“, што денес ви ја претставуваме. Ја објавил и стихозбирките за најмладите читатели „Што има ново“.
Пишува и објавува и за возрасни, автор е на збирките поезија. „Добрина“, „Свечености“, „Предели“ и многу други. Неговите дела се наградувани и преведувани на повеќе јазици, а објавени се и во повеќе антологии, кај нас и во странство.
Добитник е на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ и наградата на РТС и Струшките вечери за книгите за деца „Планета со петел“ и „Малата голема точка“.
Една од најзначајните негови книги „Разговори со Конески“ е реобјавена лани во пресрет на 100-годишнината од раѓањето на великанот.