Разбирањето или неразбирањето на гледиштето на други земји може да има одредено влијание врз градењето на светскиот поредок, вели Стивен М. Волт во својата анализа за „Форин полиси“
Пристрасноста во надворешната политика голем проблем на државите
Државите меѓусебно се натпреваруваат поради разни причини, а понекогаш токму тие причини им се многу јасни на протагонистите. Но во други случаи, главните причини за несогласувањето не се добро разбрани, а степенот на непријателство е поголем отколку што треба. Во вториот случај државите се свесни дека постои меѓусебно несогласување, но се збунети или во заблуда за главниот извор на проблемот. Во тие околности многу потешко ќе се реши проблемот и најверојатно ќе следува ескалација. Поради таа причина, една од најважните лекции е важноста на емпатијата, односно способноста да се навлезе во проблемите низ призмата на другиот. Ова не значи целосно согласување со туѓиот став, туку како другите гледаат на една состојба и да се сфатат нивните реакции. За ова постојат практични причини, бидејќи многу е потешко да се убеди противникот да го промени своето однесување ако не се дојде до коренот на проблемот.
„Фундаментална грешка при припишување“
Во однос на овој проблем, може да се земе предвид работата на социјалниот психолог Ли Рос, кој е познат по она што тој го нарекува „фундаментална грешка при припишување“. Фундаменталната грешка при припишување претставува човечка тенденција да истакнува внатрешни карактеристики како одговор на нечие однесување наместо надворешното влијание. Тоа значи дека луѓето го гледаат однесувањето на другите како одраз на личноста, карактерот, желбата или основните склоности наместо како одговор на состојбата во која се наоѓаат. Сепак, ние целиме нашето однесување да го гледаме како одговор на околностите со кои се соочуваме наместо да бидат обична манифестација на нашата суштина. Како резултат на тоа, имаме тенденција да веруваме дека други лица може подобро да го контролираат нивното однесување за разлика од нас. Мислиме дека нашите реакции силно зависат од околностите, но реакциите на другите се одредени од нивната суштина и желба.
Пристрасност во надворешната политика
Како што политикологот Роберт Џарвис јасно покажа во својата книга „Перцепции и погрешни перцепции во меѓународната политика“, согледувањата на Рос и други социјални психолози може да ни помогнат да разбереме зошто често избиваат конфликти, а потоа тешко може да се решат. Кога двете страни сметаат дека постапките на ривалот се своеволни и од внатрешни побуди, додека нивните постапки се дефанзивни, неволни и во голема мера одговор на надворешните услови врз кои немаат контрола, тогаш е екстремно тешко да се пронајде некаков заеднички јазик.
Во надворешната политика има изобилство од вакви примери на пристрасност. Со помош на нив во надворешната политика рефлексивно се објаснува реакцијата на една држава според нејзините лидери и типот на управување. Зошто Русија се меша во Украина? Затоа што рускиот претседател Владимир Путин, кој е поранешен оперативец на КГБ, сака да го врати статусот на Русија на светска сила и ја користи секоја можност да го стори тоа. Зошто Иран се меша во Ирак, Сирија или во Јемен? Затоа што со државата раководат верски лидери и сакаат да го извезуваат иранскиот модел. Зошто Кина, која е во подем, ги гони Ујгурите, гради острови во Јужнокинеско Море и е закана за Тајван? Затоа што кинескиот претседател Си Џинпинг е амбициозен лидер, кој во историјата сака да биде запаметен како поголем визионер од Мао Ѕедунг. Многу поретко може да се види како експертите ваквите агресивни однесување ги гледаат како дефанзивен одговор на настани или околности што овие лидери (со право или не) ги сметаат за закана.
Како се гледа на САД, а како на Русија
Како што истакнав уште во 2015 година, руските политики во Украина многу потсетуваат на политиките на администрацијата на Реган кон Никарагва во 1980-тите години. Во двата случаи, големата сила беше загрижена дека домашните настани во соседна држава може да доведат до зближување со ривалска сила и исто така во двата случаи беше организирана и поддржана бунтовничка армија за да ја предизвика локалната власт. Додека Американците сметаа дека нивните политики се неопходни и обусловени од околностите, тие ги гледаат постапките на Путин како чисто своеволни, целосно неоправдани и како непобитен доказ за неговиот проблематичен карактер.
Кога американски претставници и коментатори ги анализираат американските постапки, тие обично сметаат дека не се производ на внатрешно расположение, желби или карактерни особини туку како стратегиска потреба. Зошто САД имаат распоредени флоти, војска и воздушни ескадрили во целиот свет и зошто толку често интервенираат во домашната политика на други држави? Тие не го прават тоа затоа што сакаат, туку поради „посебната одговорност“ што ја имаат или затоа што се соочуваат со непосредни закани, кои бараат итен одговор. Според ова гледиште, дури и неодамнешните „војни на избор“ биле производ на околностите.
Пристрасноста наспроти реализмот
Пристрасноста за припишувањето исто така го зајакнува постојаниот импулс за решавање на меѓународните конфликти не со дипломатија и компромис, туку преку режимска промена или други радикални чекори. Ако загрижувачкото однесување на противникот е одраз на нивниот карактер, тогаш потешко ќе се поправи сè додека нема промена кај одговорните луѓе и институции. Ако се работи за лидер или режим што е нечесен или агресивен, тогаш компромисот е бесцелен и опасен.
Затоа не чуди тоа што подготовките за превентивна војна (како онаа во Ирак од 2003 година) секогаш вклучуваат оцрнување на непријателот и истиот тој да се прикаже како недоверлив и неподготвен за промена или компромис. На овој начин, преголемото потпирање на нечии „карактерни особини“ ги прави конфликтите поинтензивни, потешки за решавање и посклони кон насилство. За жал, слични тенденции стануваат сè поочигледни и во рамките на САД.
Реализмот во надворешната политика му помага на светот да се заштити токму од видовите на фундаментални грешки при припишување за кои Рос зборува. Наместо однесувањето на една држава да им се припишува на карактерите на лидерите, политичките наредби и слично, реализмот истакнува како отсуството на широк суверен орган ги насочува сите држави, а особено големите сили, да дадат приоритет на нивните себични интереси, речиси постојано да се натпреваруваат со другите, да ги остваруваат релативните предности кога ќе се појават и да усвојуваат политики што се опасни или проблематични за другите. Наместо да се подели светот на добри и на лоши држави, сили што претпочитаат статус кво и ревизионисти, или мирољубиви и агресивни лидери, реалистите знаат дека државите и лидерите од различен калибар се справуваат со еден свет во кој владеат нестабилност и несигурност и најверојатно ќе направат несоодветни чекори во потрагата по поголема безбедност.
Фактори за нечие однесување
Меѓутоа не значи дека сите конфликти се базирани на погрешни перцепции и предрасуди или дека личните карактеристики и импулсите не играат важна улога во меѓународните односи. Некои конфликти на интереси се целосно рационални и поради таа причина се трагични. Паранојата, амбициите или соништата за слава на еден лидер може да имаат длабоки ефекти врз надворешната политика на една држава, а идеолошките замисли, домашните фактори или самата некомпетентност исто така може да имаат клучна улога. Но кога се справуваме со сложен меѓународен проблем, силен непријател или држава чие однесување вознемирува или претставува закана, тогаш треба да се повикаме на гледиштето на Рос и да поставиме неколку клучни прашања.
Прво, дали однесувањето на противникот е резултат на политичките лидери или околностите во кои се наоѓа, го принудуваат на таква реакција, која обично би ја избегнал? Второ, ако втората опција е реална можност, дали е можно дел од нечие однесување да предизвикува поакутно чувство на потреба кај другата страна и ненамерно го поттикнува проблематичното однесување? Трето, дали постојат некакви чекори што може да ги ублажат овие проблеми, како промена на околностите во кои се наоѓа непријателот без да се загрозат сопствените интереси? Промената на некаков непотребен курс нема да биде можна во секој случај, но за САД (и други земји) ќе биде подобро ако посветат поголем напор во истражување на можностите за решавање на споровите преку вистинска дипломатија отколку сите зла во светот да им ги припишуваат на главните негативци, кои мора да се елиминираат по цена на триумфот.