Народниот правобранител по информациите изнесени во јавноста, како и по јавувања од граѓани кои заради неможноста навремено да си ги обноват личните документи, особено личните карти (поради немање соодветен термин) се соочуваат со проблеми, па не можат да си подигнат пари од банка (пензии, плати и други личните примања) и да си ги платат сметките, бара Владата под итно, заедно со деловните банки да најде времено решение со кое ќе им излезе во пресрет на овие граѓани.
– Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во МВР, за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките – се наведува во реакцијата на Народниот правобранител, Насер Зибери.
Споре него, конкретно овие граѓани, не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, заради неможноста да си ги подмират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги (струја, вода, телефон) да стравуваат дека истите ќе им бидат ускратени.
Народниот правобранител потсетува и дека оваа есен претстои одржување на пописот како и на локалните избори – операции за чие спроведување на граѓаните им требат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.