Жалбата на Лидија Неделкова е одбиена како неоснована од страна на Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд, со што е потврдено решението од 1 март за нејзино разрешување од вршење на судиска функција.
– Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Македонија на денешната седница расправаше по повод жалбата на Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд на Република Македонија, изјавена против одлуката на Судскиот совет на Република Македонија бр.10-10/20 од 1.3.2021 година, за нејзино разрешување од вршење на судиска функција. На истата седница, Советот за одлучување по жалби донесе одлука со која што жалбата на жалителот ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет на Република Македонија бр.10-10/20 од 01.03.2021 година – се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Врховниот суд.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев рече дека причините се „ненавремено, немарно и несовесно извршување на нејзините работни обврски и повреда на Судскиот деловник, односно Кодексот за судиска етика”, одговарајќи на новинарско прашање зошто е разрешена судијката Лидија Неделкова, по завршувањето на седницата на која едногласно беше донесена одлуката.
Барањето за разрешување на врховната судијка Лидија Неделкова беше поднесено од поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, за поведување постапка за утврдување одговорност на Неделкова како судија.