„Мајка ми знае што се случува по градовите“ е книга на српската поетеса Радмила Петровиќ, која деновиве е објавена на македонски јазик во издание на „ЛАГ агро лидер“.
Радмила Петровиќ е родена во 1996 година во Ужице, а пораснала во Ступчевиќи. Како лауреатка на 42. Лимски поетски вечери ја објавува збирката поезија „Мирисот на земјата“ (2014), а како победничка на 22. поетски конкурс „Десанка Максимовиќ“, ја објавува збирката „Целулозен рокенрол“ (2015). Нејзината трета збирка „Мајка ми знае што се случува по градовите“ е објавена во 2020 година и постигнува голем комерцијален успех.
Песните на поетесата Петровиќ, досега се објавени на англиски, француски, грчки и на хебрејски, а сега благодарение на препејувачите Драгица Јорданоска и Звонко Димоски, поезијата на Радмила Петровиќ ја имаме и на македонски јазик. Објавувањето на книгата е поддржано од Регионалната мрежа за културна разноличност и од Европската Унија, а целта е да се претстават автори што живеат и творат во руралните средини на Балканот. Ф.Д.