Навистина добрата наплата на давачките во буџетот од почетокот на годината, овозможија да се издвојат дополнителни средства за мерки за поддршка на стопанството и за капитални инвестиции. Од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5 отсто во однос на лани, што се должи на навистина добрата наплата на даноци и придонеси, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Економско закрепнување на Република Северна Македонија“ на Скопскиот економски форум.
– Заклучно најновите податоци со кои располагаме за наплатата на давачки во буџетот, односно од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5 отсто, со тоа што даночните приходи се повисоки за 19,3 отсто, а придонесите за 5,8 отсто. Иако споредбената основа лани вклучува и месеци кога реализацијата на приходите беше под силен ефект на ковид-19 кризата, добра наплата на давачките во буџетот имаше и до средината на март – односно период кој не беше зафатен од кризата. Буџетот е во добра кондиција. Расходите се извршуваат редовно и навремено, а некои обврски се исплаќаат дури и предвреме, во насока на заштита на одредени категории граѓани, како што е случајот со предвремената исплата на пензиите – рече Бесими.
Министерот за финансии посочи дека со ребалансот на буџетот, подобрата наплата на давачки во државната каса ќе се насочи кон потребите за имплементирање на мерки за справување со кризата, субвенции, како и во насока на раст на капиталните инвестиции.
– Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијалните планирани 9,4 отсто се зголемува на 11,3 отсто што е повисоко ниво од просекот во последните десет години (9,5 отсто). Порастот се должи на обезбедување на средства за кредити со 0 отсто камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и формирање на Фонд за истражување и развој. Исто така, се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој – рече Бесими.
Министерот за финансии посочи дека по заздравување на економијата ќе се применат политики за постепена фискална децентрализација, во насока на одржување на стабилноста на долгот. Тој рече дека таа ќе се спроведе преку подобрување на наплатата на буџетските приходи (преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн.), намалување и реструктурирање на буџетските расходи (преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, иновации и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите итн.) и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит (План за финансирање на заздравувањето и раст на економијата).
Министерот Бесими рече дека преку Планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст ќе се настојува да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс за намалување на фискалниот дефицит на среден рок. Исто така и преку забрзувањето на економскиот раст на среден рок ќе се делува во насока на стабилизирање на долгот поради зголемениот фискален простор за негово сервисирање.