БИТОЛА

Во иднина граѓаните на Битола ќе можат на едно место да добиваат дури 64 дигитални услуги на разни документи. Ова е овозможено со реализацијата на проектот „Една точка за услуги“, кој со поддршка на Општина Битола го реализира Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Целта на проектот е на едно место да се соединат услугите на државните институции и да се поедностави пристапот на граѓаните до овие услуги.
– Ми претставува огромна чест и задоволство што заедно со градоначалничката Наташа Петровска и заменик-градоначалничката Емилија Костурски го завршивме овој проект на МИОА. Ние како министерство сме посветени да работиме што повеќе целосни дигитални услуги, кои граѓаните во иднина ќе ги добиваат. Со реализацијата на проектот „Една точка за услуги“, граѓаните ќе можат да добијат 64 дигитални услуги. Услугите се поврзани и со други министерства и институции, а јас како министер ќе настојувам да се зголеми тој број и секојдневно ќе продолжиме да работиме да ги надградуваме услугите за граѓаните – рече министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шакири.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, на отворањето на центарот истакна дека овие услуги не носат зголемување на цените кон граѓаните, односно цените на услугите се исти како и во соодветните институции, а некои од услугите се и бесплатни.
– Поводот е навистина значаен за олеснување на услугите кон граѓаните во добивање низа документи. Со отворањето на овој центар, локалните самоуправи ќе можат да се вклучат интероперативно во овие системи и да ги олеснат и своите постапки на дејствување, но да го олеснат и пристапот на граѓаните. Ова потврдува дека станува збор за едно време во кое оваа држава со оваа власт и овие политики прави сериозен исчекор во дигитализацијата за услуги кон граѓаните и во насока на препознатливост во светски рамки за тоа како треба да функционира едно општество – рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Инаку, со проектот за добивање на 64-те услуги граѓаните ќе можат да користат услуги од ресорите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.