Неделава започнува иницијативата за постепено исфрлање на јагленот и премин кон одржливи извори на енергија во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и во Србија. Како што пренесуваат медиумите, станува збор за поддршка на отворен дијалог на повеќе засегнати страни за постепено исфрлање на јагленот во регионот и префрлање кон други алтернативни извори на енергија. Иницијативата, која се очекува да биде организирана онлајн од страна на Европската комисија, е заедничко истражување на патиштата до фер транзиција во регионите со јаглен на Западен Балкан и делови во Украина и потпишување „Зелен договор“.
Иницијативата ја води Европската комисија, во соработка со шест меѓународни партнери: Светска банка, Секретаријатот на енергетската заедница, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Полскиот национален фонд за заштита на животната средина и управување со вода и Европскиот колеџ од градот Натолин. Според најавите, ЕК засега ги покани сите засегнати страни да се приклучат кон дијалогот. Меѓу предвидените групи на засегнати страни има претставници на јавни органи, енергетски сектор, невладини организации, истражувачи, деловни субјекти, медиуми, меѓународни организации, политички партии и младински организации.