Немирната капка роса
Една капка бистра роса
во полето потрча боса,
на сонцето насмевка му прати,
во росната убавина целата се злати.
Малечката капка
неуморно ита,
од тревка на тревка,
цел ден скита!
Со својата нежност
на цветот лице му мие,
со ветерот оро весело вие.
Во игра и занес
росата врз листот капна,
а славејот, пак, песна што
на потокот му пее,
жеден капката роса ја лапна!
Напишал: Борјан Ѓорчески,
трето одделение
Ментор: Маја Бунтеска
ООУ „Страшо Пинџур“,
с. Мало Коњари – Прилеп
Второнаграден во првата категорија, ученици од второ и трето одделение, на литературната манифестација „Средби под јаворите – Видое Подгорец 2021“.
Липата на моето детство
Таму кај што се родив,
минував години весели, среќни,
од моето најрано детство
понесов низ животот спомени вечни.
Висока, раскошна, зелена, цветна,
вишнееше липа во мојата улица,
околу неа се вртеше целиот живот
и течеше река од детска врвулица.
Опојни мириси во воздухот лебдат
напролет кога развива цвет,
нежно ги галат сетилата наши,
ох, колку е убав овој свет.
По многу години поминав тука,
видов сосема ново нешто,
со очите ја барав липата,
но, зграда се извишила на нејзино место.
Го сетив мирисниот чај од цветот,
детскиот џагор и нивната врева,
ладовината во врелите летни денови,
чистиот воздух што до небо се крева.
Тагував за сѐ што е изгубено,
што со љубов мораше да го чуваме,
да ја штитиме убавата средина,
сѐ што е вредно да го негуваме.
Наместо нови дрвореди
насекаде само згради правиме
ајде, заеднички да се бориме
животната средина да ја разубавиме.
Да садиме наместо да сечеме,
отпадот да го складираме прописно,
да организираме еколошки акции,
насекаде да е убаво, живописно.
Охрабрена од овие размисли
гордо се исправив на ова место,
во мислите се збогував со мојата липа,
дрвото на моето најрано детство.
Напишала: Мила Ивановска,
седмо одделение
Ментор: Тања Петрушевска
ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово
Наградена творба на републичкиот
литературен фестивал „Ракатки 2021“