Горан Пандев го напушта теренот на арената „Јохан Кројф“

Горан Пандев беше расположен за игра, исто како и останатите македонски фудбалери кои тргнаа отворено и храбро за да пружат спектакл во последниот меч на капитенот за националната селекција, против фаворизираната Холандија на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, во рамките на 3-то коло од групата Ц на Европското првенство. Но голот на Мемфис Депај, постигнат по спортна ситуација при која „црвено-жолтите“ бараа прекршок над Пандев, претставуваше пресвртница, менувајќи ја ситуацијата на теренот во корист на Холандија.

Претходно, Иван Тричковски постигна гол што беше поништен поради офајд во 11-та минута, а Александар Трајковски со удар од далечина ја погоди стативата од противничкиот гол по атрактивно проигрување од Пандев во 22-та минута.

Набргу потоа Дејли Блинд го собори Пандев со лизгачки старт во близина на холандскиот шеснаесетник. Македонскиот капитен остана да лежи, додека Холандија разви брза контра по која Дониел Мален го проигра Мемфис Депај кој од изгледна ситуација го отвори резултатот во 24-та мунута. Македонските фудбалери и селекторот Игор Ангеловски негодуваа, спорната ситуација по стартот врз Пандев беше проверена и од ВАР-технологијата, но романскиот судија Иштван Ковач реши да го признае голот.

Голот очигледно влијаеше врз македонските фудбалери, чија иницијатива спласна, додека домашната селекција презема контрола на теренот. Холандскиот капитен Жоржињо Вајналдум зголеми на 2-0 во 51-та минута на додавање на Депај, а седум минути подоцна и на 3-0 со што беше решен победникот на мечот. Голманот Столе Димитриевски имаше неколку забележителни интервенции и на оваа средба, но не можеше да стори нешто повеќе за да ги спречи головите.

Пандев излезе од игра во 68-та минута при што беше поздравен со аплауз и овации на стадионот, а додека го напушташе теренот соиграчите направија шпалир, давајќи му поддршка. На местото на капитенот, кој одигра 122 средби на кои постигна 38 гола за репрезентацијата, влезе Тихомир Костадинов.

Капитенот во прегратка на селекторот Игор Ангеловски

Македонија го заврши дебитантскиот настап на големите натпреварувања со три порази во групната фаза, од Австрија (1-2), Украина (1-3) и денеска од Холандија, но во сите мечеви прикажа допадлива и борбена игра, додека имаше силна поддршка од македонските навивачи во Букурешт. „Црвено-жолтите“ стекнаа бројни симпатии од љубителите на фудбалот, а во сеќавање ќе остане историскиот гол на Пандев против Австрија, прв за националната селекција на големите натпреварувања.

Во вториот меч од групата Ц, Австрија беше подобра од Украина со 1-0, со што Холандија заврши на првото место на табелата со максимални девет бода, пред Австрија со шест и Украина со три поени, додека Македонија остана без бодови. Холандија и Австрија обезбедија понатамошен пласман, додека Украина ќе треба да ја чека разврската од другите групи во надеж дека ќе заврши меѓу најдобрите четири третопласирани селекции кои ќе се најдат во осминафиналето.


Холанѓаните му дадоа соодветен подарок на Пандев

Во пресрет на почетокот на мечот, капитенот на Холандија Жоржињо Вајналдум му врачи на Пандев на подарок холандски дрес со неговото презиме и со бројката 122, што го означува бројот на настапи на искусниот офанзивец за Македонија.

Пандев заедно со Вајналдум во пресрет на мечот