Седејќи во својата канцеларија во палатата Мирафлорес во Каракас, венецуелскиот претседател Николас Мадуро покажува непоколеблива самодоверба. Во 85-минутното интервју за „Блумберг“, тој вели дека неговата држава се ослободила од „нерационалното, екстремно и сурово“ угнетување од страна на САД. Русија, Кина, Иран и Куба се сојузници, а неговата опозиција е немоќна. Ако Венецуела страда од лошиот имиџ, тоа е затоа што се спроведува богато финансирана кампања за демонизација на неговата влада.
– Неговиот настап е предвидлив, но помеѓу осудите за американскиот империјализам, Мадуро, кој овозможува циркулација на доларите и просперитетна работа на приватните фирми, упатува јавен апел насочен директно кон Џо Бајден. Пораката гласи – време е за договор – наведува „Блумберг“.
Венецуела која ги поседува најголемите светски резерви на нафта е гладна за капитал и очајнички посакува да се врати на глобалните финансиски пазари по дводецениската антикапиталистичка трансформација и четирите години под жестоки американски санкции. Државата не успева да ги исплати долговите, инфраструктурата се распаѓа, а милиони нејзини жители се борат за да преживеат.
– Ако Венецуела не може да произведе нафта и да ја продаде, не може да произведува и да го продаде своето злато, не може го продава својот боксит, не може да произведе железо и не може да оствари приходи на меѓународниот пазар, тогаш како треба да ги исплати носителите на венецуелските обврзници? Светот мора да се смени. Ситуацијата мора да се смени – вели Мадуро.
Всушност, ситуацијата е значително сменета откако претходниот американски претседател Доналд Трамп воведе санкции врз Венецуела и го призна опозицискиот лидер Хуан Гваидо за претседател. Негова цел беше да го отстрани Мадуро од власт, но не успеа во тоа. Гваидо е маргинализиран, а Венецуелците страдаат додека Мадуро останува на власт. Но засега нема назнаки за компромис меѓу Мадуро, неговата опозиција и на Вашингтон, кој е потребен за ставање крај на најстрашната хуманитарна катастрофа на западната хемисфера, како што се тврди во анализата на „Блумберг“.
Мадуро се надева дека договорот за ублажување на санкциите ќе ги отвори можностите за странски инвестиции што ќе отворат работни места. А на тој начин би можело да се осигури и неговото наследство како предводник на чавизмот, популарниот облик на левичарски национализам во Венецуела.
– Венецуела ќе стане земја на можности. Ги поканувам американските инвеститори за да не ја пропуштат можноста – порача Мадуро.
Во изминатите неколку месеци, претставниците на Демократската партија во комитетот за надворешни работи во американскиот сенат порачуваа дека САД треба да ја обмислат нивната политика. А Мадуро чека знак дека администрацијата на Бајден е подготвена за преговори.
– Немаше ниту еден позитивен знак. Никаков – нагласува Мадуро, за кој има назнаки дека прави одредени отстапки во неговата политика, додека и натаму останува цврсто на власт.
Не се очекува ни ненадејна промена на ситуацијата, со што санкциите врз водечките функционери во венецуелската власт остануваат на сила. А САД и натаму го сметаат Мадуро за легитимен лидер на јужноамериканската држава, и покрај тоа што има извесни разлики во политиката на Бајден во однос на онаа на неговиот претходник Трамп.