Археолозите проценуваат дека резбите се стари меѓу 4.000 и 5.000 години, што значи дека се од периодот што ги опфаќа неолитот и раното бронзено време
Одлучил да ја истражи криптата. Влегол внатре и забележал нежни и необични ознаки на каменот. Му се присторило дека тоа не е природно обележје во карпата. На долната страна на покривната плоча воочил образец…
– Прво видов елен, а како што продолжував да осветлувам, да набљудувам, на карпата се појавија уште животни – раскажува Хамиш Фентон, археолог аматер, кој работел на едно од најпознатите шкотски неолитски наоѓалишта во местото Килмартин Глен во Аргил, каде што набрзо дошле и професионални археолози.
Ова наоѓалиште се смета за дом на едно од најбогатите наоѓалишта од неолитското и бронзеното време во Шкотска, но и во цела Велика Британија, а за деликатните праисториски резби, пак, се смета дека се најстарите од таков вид во оваа држава.
На откриените резби се наоѓаат фигури на возрасни елени, а пронајдени се во една гробница. Прикажани се два машки елени со целосно пораснати рогови и неколку за кои се смета дека се млади елени. Археолозите проценуваат дека резбите се стари меѓу 4.000 и 5.000 години, всушност дека се од периодот што ги опфаќа неолитот и раното бронзено време.
– Забележав образец на долната страна на покривната плоча што не изгледаше како природно обележје во карпата. Прво го видов еленот, а како што продолжив да осветлувам и набљудувам, на карпата се појавија уште животни. Ова беше потполно неверојатно и неочекувано откритие. За мене, ваквите откритија се вистинско богатство на археологијата, кои помагаат во преобликување на нашето разбирање на минатото – изјавил Хамиш Фентон.
Како што пренесе „Национална географија“, главниот истражител на проектот рекол дека тоа се првите праисториски резби на животни пронајдени во Шкотска.
– Иако во Велика Британија постојат неколку праисториски резби на елени, едни други, создадени во раното бронзено време, се многу шематски. Извонредно е што овие резби покажуваат толку исклучителни анатомски детали и нема сомнеж кој животински вид го претставуваат – укажал истражителот.