Францускиот претседател не е првиот политичар што се соочи со напад од народот
Шлаканицата која ја доби францускиот претседател Емануел Макрон при поздравувањето со собраните граѓани во текот на неговата посета на јужна Франција во вторникот не е првиот случај во кој политичарите имаа незгодни средби со јавноста, пишува „Политико“, потсетувајќи на сличните инциденти.
Посетата на британскиот заменик-премиер Џон Прескот на велшккиот град Рил во текот на кампањата пред изборите во 2001 година, останува позната како „тепачката во Рил“. Кон Прескот беше фрлено јајце, по што тој му возврати на напаѓачот со жесток удар со тупаница, пред да се вмеша неговото обезбедување. Политичките неистомисленици бараа оставка на Прескот, додека неговите сопартијци велеа дека тој само се бранел.
Германскиот канцелар Хелмут Кол, пак, беше погоден со јајце во лицето во 1991 година, во сличен инцидент во градот Хале.
Ирачкиот новинар Мунтазар ал-Заиди во 2008 година фрли со чевел врз тогашниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот за време на прес-конференција во Багдад.
– Ова ти е бакнеж за збогување, куче едно – извика тогаш новинарот, подоцна појаснувајќи дека го смета американскиот претседател за одговорен за војната во Ирак.
Буш успеа да го избегне ударот, а обезбедувањето веднаш го совлада новинарот, кој подоцна беше осуден на тригодишна затворска казна поради навреда, која подоцна му беше намалена на една година бидејќи претходно не бил осудуван. Ал-заиди беше ослободен во септември 2009 година, три месеца порано поради добро однесување.
Поранешниот француски премиер Мануел Валс во текот на изборната кампања во 2017 година доби шлаканица, иако не толку силна како онаа за Маакрон, кога се соочи со 18-годишен десничар. Валс, кој потоа беше поразен на изборите, го тужеше напаѓачот кој пак истакна намера да се кандидира за претседател на Франција.