Најнови предупредувања од ЦИА
Брзото повлекување на американските безбедносни трупи од Авганистан прави интензивен притисок врз Централната американска разузнавачка служба (ЦИА) за да најде начини за собирање разузнавачи за евентуално возобновување на терористичките организации во земјата, но и надвор од неа. Ова меѓу другото го наведува американскиот весник „Њујорк тајмс“, кој пишува дека поради тоа постојат стравувања дека средиштето на светскиот терор, Авганистан, би можело повторно да заживее и да се возобноват ќелиите на Ал каеда и Исламската држава.
Аналитичарите на разузнавачката агенција предупредуваат и за ризиците од преземањето на контролата врз Авганистан од страна на талибанците. Според пишувањата на американските медиуми, претставниците на САД затоа се обидуваат во последен час да ги обезбедат базите во близината на Авганистан за идни операции. Но комплексноста на континуираниот конфликт доведе до тешки дипломатски преговори, додека војската го спроведува повлекувањето, кое би можело да заврши до средината на идниот месец, пред рокот на 11 септември, поставен од американскиот претседател Џо Бајден. Американските дипломати исто така ги испитуваат можностите за повторен пристап до базите во поранешните советски републики што биле користени за време на војната во Авганистан, иако очекуваат противење на ваквата идеја од страна на Русија. Сепак, неодамнешните извештаи на ЦИА за Авганистан се песимистички, нагласувајќи ги опасностите од талибанците и другите милитантни групи во државата за формирање нови терористички ќелии.