Биографската книга „Леонардо да Винчи и неговото време“ од норвешкиот писател Атле Нес на македонски јазик ја објави издавачот „Македоника литера“ во монографска форма. Таа е илустрирана со голем број цртежи, слики и скици на пронајдоци на Да Винчи, а еден дел е печатен во боја, каде што се сместени репродукции на неговите најпознати дела. Преводот е на Ленче Тосева и Елена Саздовска. Издавачот посочува дека авторот во биографијата им го покажува на читателите одблиску човекот скриен зад митот за творецот и историскиот контекст во кој се создадени ремек-делата на Леонардо, но и дека Атле Нес се одликува со големи познавања на историјата на уметноста, историјата, јазиците и математиката.
Леонардо зад себе оставил безброј записи – неговите белешки и скици, кои не биле познати во неговото време, па дури и потоа. Нивните траги може да се најдат во многу колекции во Европа и во САД, а самиот материјал е делумно предмет на истражување, толкување и дискусија. На тој начин најмногу се доближуваме до него, дури и повеќе одошто преку добро зачуваните слики, кои најверојатно и без исклучок биле правени по нарачка. Се обидов доста внимателно да цитирам извадоци од овие белешки, како самиот Леонардо да Винчи да звучи од биографијата. На истиот начин се претставени многу од повеќе или помалку завршените скици и цртежи. Така неговиот талент, кој е веројатно невиден по својата универзалност, и неговата трансцедентна имагинација го наоѓаат својот најдобар израз – пишува во предговорот Нес.
Атле Нес (1949) е норвешки писател, историчар на уметноста и историчар. Автор е на биографии за Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј, Едвард Мунк и Хенрик Ибзен, како и на романи, книги за деца и есеи за уметноста. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и на највисоката книжевна награда во Норвешка, „Браги“, за неговата биографија за Галилео Галилеј. Тој се смета за еден од најголемите и најдобри европски биографи кога станува збор за уметниците. Неговите биографии имаат интернационална популарност и се преведени на повеќе јазици. Својот првиот роман „Пиштол“, Атле Нес го објавил во 1975 година.