Композиторот Филип Иванов ја доби наградата за најдобро дело од областа на класичната музика на конкурсот за млади, организиран од страна на Агенцијата за млади и спорт во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Toj го освои признанието за најдобро музичко дело за соло-песна за глас и пијано напишано на стихови од Конески. Агенцијата со овој конкурс ги наградува младите поети, музички и ликовни уметници.
– Да се организираат конкурси од овој вид со кои би се стимулирале уметниците да творат и да придонесуваат за развојот на материјалната и духовната културата во нашата земја е од огромно значење, бидејќи уметностa игра голема улога и е дел од создавањето и развојот на секое современо општество. Наградениот труд на уметникот секогаш претставува големо задоволство и стимул за понатамошно творење. Искрено се надевам дека во иднина ќе продолжат да се распишуваат конкурси од институциите со кои би сe стимулирале уметниците, кои долго време се на маргините во оваа држава – изјави младиот уметник.
Филип Иванов (1992) ѝ припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. Повеќе дела му се и наградени на конкурсите распишани од Министерството за култура. Во неговата композиторска кариера особено се истакнува изведбата на Концертот за виолина и оркестар, од виолинистот Александар Иванов и Македонската филхармонија под диригентско водство на маестро Борјан Цанев на фестивалот „Денови на македонска музика“. Иванов е редовен член на СОКОМ.