Таква е процената кај обложувачниците и стручњаците, кои на „лалињата“ им даваат најголеми шанси за освојување на првото место во групата Ц, во која се уште Македонија, Украина и Австрија

ФУДБАЛ – ПРЕД ЕП 2020

Холандија, европскиот првак од 1988 година, се смета за фаворит за освојување на првата позиција во групата Ц, како кај обложувачниците, така и кај стручњаците, пред Украина, Австрија и Македонија, за пласман во нокаут-фазата на Европско првенство (ЕП), кое почнува в петок.
Според некои аналитичари, Холанѓаните имаа среќа при ждрепката, која навидум им донесе лесни противници. Но „лалињата“ во последно време не играат во најдобра форма, загубија од Турција (2-4) во квалификациите за СП 2022. Тие го пропуштија минатото ЕП 2016, како и СП 2018, што може да создаде притисок кај избраниците на Франк де Бур, кој неочекувано, по лошите резултати како тренер на Интер и на Кристал палас, го замени Роналд Куман на селекторската функција. Во прилог на Холандија е тоа што трите меча ќе ги игра пред домашните навивачи, на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам. Во репрезентацијата ќе го нема капитенот Вирџил ван Дајк, но неговото отсуство, особено во нападот, би требало да го надомести Мемфис Депај, играчот на Лион, кој постигна шест гола во квалификациите.
На Украинците што дебитираа на ЕП 2012, како кодомаќини со Полска, им се даваат најголеми шанси за второто место во групата. Предводени од селекторот Андриј Шевченко, тие беа убедливи во квалификациите во кои на 10-те меча не беа поразени, забележувајќи шест победи и четири ремија, со само четири примени гола. Тарас Степаненко, Олександар Зинченко и Руслан Малиновски се главни во средниот ред. Во нападот најмногу се очекува од капитенот Андриј Јармоленко, играчот на Вест хем.

Австријците чии играчи главно настапуваат за клубови во Бундес-лигата, предводени од Давид Алаба, поранешниот дефанзивец на Баерн, се надеваат на пласман во следната рунда. Под водство на германскиот селектор Франко Фода, тие играат многу дефанзивно, но ако сакаат место меѓу 16-те најдобри, треба да почнат да победуваат, односно да ја остварат првата победа на некој голем турнир по Светското првенство (СП) 1990. Тие се надеваат на тоа во премиерниот меч против Македонија, в недела. Покрај Алаба, нападот ќе се потпира и врз играчот на Шангај порт, Марко Арнаутовиќ, кој во квалификациите постигна шест гола.

За Македонија ова ќе биде прв настап на големата фудбалска сцена, од приемот во ФИФА во 1994 година. Црвено-жолтите во квалификациите за ЕП 2020 беа трета, зад Полска и Австрија, и на 10-те меча забележа четири победи, исто толку порази и две ремија. Македонија на ЕП се квалификува преку плејофот во Лигата на нации (ЛН) и со победата над Грузија (1-0). Покрај Пандев, како ударни играчи во македонската репрезентација, на чија селекторска клупа од 2015-та е Игор Ангеловски, се посочуваат Езџан Алиоски, Елиф Елмас и Енис Барди. Прогнозите се дека Македонија ќе освои само еден поен во групната фаза, но честопати излегува сосема поинаку на теренот, па зошто да не биде така и овој пат.


Навивачи во ограничен број

На натпреварите на ЕП 2020 ќе има публика на стадионите, но различно од земја до земја. На мечевите во арената „Јохан Кројф“ во Амстердам ќе има по 12.000, а на арената „Национал“ во Букурешт по 13.000 навивачи, со потенцијални најави дека тие бројки би можеле да се зголемат.
Што се однесува до влезниците, на почетокот УЕФА ја регистрира најголемата побарувачка досега за еден голем турнир, со над 19 милиони луѓе што аплицираа за два милиона влезници. Но оттогаш многу работи се променија на полошо поради ковид-19 и проблемите при патувањата низ Европа, што значи дека летово ќе нема голема раздвиженост, навивачки зони и карневалска атмосфера во 11-те града.