Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, одржаа работна средба со извршниот директор на бизнис-клубот на Евро-атлантскиот совет, Светозар Јаневски, претседателот Исмет Рамадани, како и со стопанственици членови на раководството на бизнис-клубот.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот се дискутирало за подобрување на деловниот амбиент и економската активност на компаниите, како и за проекти, кои се очекува да ги зголемат вработувањата во земјата и да се активираат селата и руралните средини.
Премиерот Заев искажал поддршка за идеите што доаѓаат од деловната заедница, која треба да го придвижи економскиот раст во земјата и ги охрабрил стопанствениците да продолжат со плановите за инвестициски циклуси и вложување во човечкиот капитал со цел заедничко приспособување на новите и современи економски текови и за успешно надминување на предизвиците од глобалната пандемија.
Дополнително, се разговарало и за NATO procurement process и за можностите македонските компании да му пристапат на овој процес за да бидат дел од голем комплекс на набавки.
Заев и Хоџа истакнале дека приватниот сектор има важна улога во создавањето работни места и приходи за граѓаните, дополнително и преку постојаните иновации што носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност.
Дополнително, било истакнато дека со влезот во НАТО и со примената на стандардите на ЕУ, кои треба да станат домашни стандарди, се обезбедува сигурност на инвестициите преку механизми за владеење на правото, за намалување на сивата економија, на парафискалните давачки и со борбата против корупцијата.