Одбраната на Катица Јанева тврди дека Обвинителството не го докажало делото кое се става на товар на осудената во случајот „Рекет“, додавајќи дека пресудата за седумгодишна затворска казна не може да се заснова на голи претпоставки, без јасни докази, образложувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд.
Одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде целосно укината или случајот да биде вратен на повторно судење, поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.
Адвокатот Дељо Кадиев рече дека има навистина голем број суштествени повреди на постапката за овој случај, на што се однесува една третина од жалбата. Кадиев тврди дека јавниот обвинител ги дава транскриптите од разговорите со свои вметнати мислења, и судот такви ги прифаќа.
Адвокатката Ирена Фрчковска, пак, рече дека, целосно погрешно е утврдена фактичката состојба за овој предмет.
Јанева не присуствува на седницата поради здравствени причини и писмено извести дека прифаќа жалбата да биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска. Јанева е осудена на затворска казна од седум години за случајот „Рекет“.