Покрај големиот бран вратени гастарбајтери, земјите од Балканот бележат и пораст на бројот на луѓе што работат од далечина, а како место за живеење и работа ги избрале приградските и селските средини
Во периодот на пандемијата на ковид-19 била регистрирана повратничка миграција во сите земји од регионот. Процените само за Бугарија се дека се вратиле половина милион лица на привремена работа во странство, иако не постојат точни податоци колку од нив останале во земјата. Истражувањата покажале дека десет отсто од повратниците не сакаат да се вратат во странство по завршување на кризата, а четвртина од нив сѐ уште не донеле конечна одлука за својата иднина. Во текот на првите недели и месеци од пандемијата на коронавирусот во Србија се вратиле голем број луѓе што работеле во Велика Британија, Германија, Швајцарија, Австрија, Италија и другите земји од Западна Европа. Само во март 2020 година дури 317 илјади лица се вратиле во родната земја, а некои од нив останале без работа, некои посакале да бидат поблиску до своите семејства во време на кризата, а некои се чувствувале побезбедно, особено тие што немале пристап до бесплатната здравствена заштита во странство, пишува „Политика“.
Покрај големиот бран вратени гастарбајтери, Југоисточна Европа бележи и друга појава во време на криза, а тоа е наглиот скок на работа од далечина. Многу луѓе во новонастанатите услови одлучиле привремено или трајно да се преселат во полуселските опкружувања, релативно блиску до големите градови или да заминат во атрактивни рурални средини и планински региони.
Според извештајот на Популацискиот фонд на Обединетите нации (УНФПА) 38,5 отсто од повратниците изјавиле дека тоа го направиле од семејни причини, 17 отсто од нив изјавиле дека се чувствуваат побезбедно во својата земја, а десет отсто изјавиле дека тоа го направиле по барање на нивните најблиски роднини. Речиси половината од повратниците претходно биле на работа во земјите од Европа, околу шест отсто од земјите во регионот, а помал број се вратиле од Азија и Австралија.
Враќањето на работниците од странство може да има долгорочен демографски ефект. Селата во Србија масовно се празнеа поради селидбата во урбаните средини. Од 2013 година се забележува интерна миграција од 250.000 луѓе на релацијата село – град, а во руралните средини живееле само милиони жители од вкупното население во земјата, кое изнесува седум милиони, објави белградска „Политика“.
– Со децении постоеше само еден правец за мигрантите од Југоисточна Европа – кон градовите и просперитетните земји од Западна Европа, По појавата на епидемијата, многу мигранти се вратија во своите татковини. Земјите од Југоисточна Европа сега имаат можност да креираат политики за стимулирање на оние што се вратиле со своето искуство и знаење да останат во земјите и да го заживеат селото – изјави Алана Армитаж, директорка на УНФПА за Југоисточна Европа и Централна Азија, при презентација на извештајот за повратната миграција за време на пандемијата.
Ковид-19 ги истакна многуте слабости на животот во градот, како што се цената на недвижностите и загадувањето на воздухот, а поради тоа најважните елементи за оживување на селата треба да бидат истакнати од страна на владите и меѓународните институции и организации по завршувањето на пандемијата, се наведува во извештајот на УНФПА.