Премиерот Зоран Заев во нeделното издание за грчки „Катимерини“, во интервјуто со наслов „Заедно за Балкан од 21 век“, говори за европската перспектива, за грчката поддршка, Договорот од Преспа како и за соработката со сегашниот и поранешниот премиер на Грција.
Тој навраќајќи се на решението за деценискиот спор со името рече дека тоа прашање не се решава со булдожер дипломатија како што некои сметаа, или како што сугерираа.
– Избравме да решаваме. Да го решиме прашањето за името на мојата земја. Да не одлагаме, да не калкулираме, да не си играме со јавноста и во нашата и во вашата земја, да не го трошиме времето на нашите пријатели, поддржувачи на процесот. Да му дадеме на регионот нов Балкан, Балкан на 21 век во кој минатото, сенките на историјата нема да се испречуваат како непремостливи пречки за заедничката европска иднина – изјави Заев за „Катимерини“.
Заев додаде дека во еден таков амбиент постигнато е решението со Договорот од Преспа.
– На достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на нашиот народ. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека тој договор е чекорот што нé извлече од блокадите и минатото и ни ги отвори портите на иднината. Иднината што ни го обезбеди членството во НАТО, и иднината која нé доведе до препораката за безусловен старт на преговорите за членство во ЕУ – додаде Заев.
Во поглед на евроинтеграциите премиерот Заев објаснува дека и покрај позитивните извештаи од Европската Комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.
– Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации – објаснува премиерот, потенцирајќи дека минатото не треба да се заборави, но треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех.
Премиерот Заев рече дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач” на европскиот пат на нашата земја, нешто за што добил уверување и од грчкиот премиер.
Интервјуто на премиерот Заев за „Катимерини” е во пресрет на неговото учество на Економскиот форум Делфи, што од 10 до 15 мај ќе се одржи во Атина.