Атина – До средината на летото Грција ќе постигне колективен имунитет и со вакцинациите и со оние што прележале, а до крајот на јуни ќе биде вакциниран голем дел од популацијата, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус, кој е надлежен за процесот на имунизација во земјата. Очекувањата се до крајот на јуни да бидат вакцинирани 50 отсто од граѓаните. („Антена”)

Софија – Еден ден откако новиот парламент ги усвои измените на Законот во прво читање за промени во судството, бугарските обвинители излегоа на протест, предводени од моќниот државен обвинител Иван Гешев. Тие не се согласуваат со одредбите во законот за затворање на специјалното обвинителство. Главен иницијатор за промените во правосудството е партијата Демократска Бугарија, чиј лидер Христо Иванов ги поттикна протестите од минатото лето против корупцијата и недопирливоста на олигарсите. („24 часа“)

Загреб – Новиот закон за управување со отпад во Хрватска предвидува целосна забрана за лесни пластични кеси, кои повеќе не ќе може да се купат.
– Она што го донесува оваа година новиот закон за управување со отпад, кој сѐ уште е во постапка, е целосна забрана за лесни пластични кеси. Тие повеќе не ќе можат да се купат – нагласи Сања Радовиќ, раководителка на секторот за одржливо управување со отпад во хрватското министерство за економија и одржлив развој. („Јутарњи“)


Бисер балкански

Закон против непотизмот

Власта на Кантонот Сараево предложил нацрт-закон за борба против непотизмот, а со него се забранува работа под раководство на блиски роднини, партиско вработување во органите на управата, јавните претпријатија, установите и правните субјекти. Со овој закон, доколку се усвои, се забранува и користење на јавната функција за стекнување лична корист.
Вработувањето во јавните институции е сериозен проблем во Босна и Херцеговина и невозможно е да се вработат граѓани на слободни конкурси за работни места. Владејачките партии тврдат дека е време да се направат радикални потези во оваа област, а опозицијата предупредува на можна дискриминација доколку се изгласа и спроведе овој закон против непотизмот.