Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) уште од почетокот на пандемијата сериозно го сфати новиот предизвик со кој се соочуваме и континуирано укажува и бара итно да се најдат решенија за надминување на ваквите состојби и е загрижена за здравствената состојба на работниците во Македонија и за негрижата на надлежните институции за работничките права. Тоа вчера го порачаа од КСС по повод Светскиот ден за заштита при работа, кој го одбележаа со онлајн кампања.
– Пандемијата ги допре речиси сите аспекти од светот на работата. Неочекувано мораше да се смени начинот на работа на многу работници и да се воведат нови форми на работен ангажман на работниците, како што е работа од далечина, што исто така претставува потенцијален ризик за безбедноста и здравјето на работните места, односно допрва ќе се согледуваат психосоцијалните ризици – рекоа од КСС.
Синдикатот извесен период бара прогласување на ковид-19 за професионално заболување за сите работници и стопроцентна исплата на боледување и плата за сите оние што се заболени.
– Секое заболување на работното место од ковид-19 се смета за повреда на работно место и се исплаќа 100 проценти боледување, во согласност со членот 39 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во овие случаи, поради спречување на ширењето на заразната болест, за сите вработени, за привремена спреченост на работа, односно кога е издадено решение за самоизолација, треба да се исплаќа 100 проценти плата – потенцираа од КСС.
Оттаму изразија незадоволство што не добиле можност да ги искажат своите согледувања на Советот за безбедност и здравје при работа.