Нов наводен нон-пејпер повикува на решавање на косовскиот спор
По вестите за првиот нон-пејпер во кој се спомнуваше промена на границите на Балканот, косовскиот весник „Коха“ објави втор, наводен документ, кој се фокусира на надминувањето на спорот помеѓу Косово и Србија, под покровителство и надзор на Германија и Франција.
Во текстот се наведува дека двете страни треба да се договорат за формирање на „автономен округ на Северно Косово“ како посебна административна единица на регионалната самоуправа на Косово.
Според „Коха“, во документот се вели дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе водат разговори за финализирање на договорот и треба да го завршат процесот до крајот на февруари в година. Ваквите тврдења беа негирани од страна на амбасадорите на Германија и на Франција во Косово.
За политичкиот аналитичар Блерим Бурјани, нон-пејперот е начин на испитување на теренот за вакви промени, и не претставува ништо ново.
– Ако има автономија за трите српски општини во северно Косово, и за трите албански општини во Србија, взаемното признавање на суверенитетот и интегритетот не е ништо ново. Но, притоа Србија треба да го признае Косово во таа ситуација – изјави Бурјани за „Косово Онлајн“.
Политичкиот аналитичар Авди Смајлај го критикуваше документот, велејќи дека двата нон-пејпера не се погодни за Косово и не нудат долготрајно решение, односно вториот е основа за примена на првиот нон-пејпер, кој ги загрозува границите на Косово.
Понатаму во документот се предлага секоја страна да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на другата страна според меѓународното право, и дека Србија и Косово потврдуваат оти ќе ги регулираат своите граници со заеднички договор, како и дека споровите ќе се решаваат по мирен пат и дека ќе се воздржуваат од закани или употреба на насилство.
– Нешто вака итро е напишано само од некој што присуствувал на состаноците уште од самиот почеток, бидејќи во документите има детали што на Србите би им се допаднале, но потоа има една клучна работа што ние треба да ја испорачаме, односно признавањето на Косово. Пораката е, ви даваме 90 отсто од работите што се помалку важни, но вие треба да ни ја доставите најважната работа. Тоа е неприфатливо за нас – беше реакцијата на Вучиќ.
Автономниот округ би ги опфаќал териториите на Звежан, Лепосавиќ, Северна Митровица и катастарската зона на градот Зубин Поток, а процесот ќе се заснова на почитување на Париската повелба, Завршниот акт од Хелсинки и обезбедување на сите договори постигнати за време на дијалогот во Брисел.