За финансискиот директор на организацијата „Трамп“, Ален Вајселберг, работењето за Доналд Трамп го претставува целиот негов живот, како и животот на неговото семејство. Вајселберг (73), беше ангажиран како сметководител од таткото на Доналд, Фред Трамп, веднаш по неговото дипломирање. Со децении, тој му служеше на семејството, штитејќи го бизнисот и за време на најтешките мигови, пишува „Фајненшл тајмс“.
Довербата на Трамп во Вајселберг е толку голема, што тој му го довери бизнисот кога замина во Белата куќа. Сега, правното прашање што ги прогонува поранешниот претседател и неговата бизнис империја, е дали Вајселберг, кој беше сметан за „очите и ушите“ на Трамп, ќе ја изневери таа доверба и ќе го предаде семејството на кое му го посвети целиот свој живот?
– Вајселберг е војникот на Трамп, кој за неговиот шеф би влегол во оган. Тој е толку лојален, што во 1981 се откажа од пиење алкохол откако братот на Трамп, Фред Помладиот, почина од алкохолизам – објаснува лице блиско до сметководителот.
За некои правни експерти, обидите да го натераат Вајселберг да се сврти против Трамп се залудни. Единствениот начин да се натера Вајселберг да соработува и да открие што се случувало во империјата на Трамп, веројатно би бил доколку некој од членовите на неговото семејство е директно загрозен.
Трамп се соочува со опасност на повеќе фронтови, како што се истрагите за неговиот обид за поништување на изборите во ноември, како и истрагата за неговата улога во поттикнувањето на немирите на Капитол Хил на 6 јануари. Сепак, најстрашна закана за Трамп и Вајселберг би можела да биде кривичната истрага од обвинителот Сајрус Венс, започната во 2018 година.
Истрагата беше покрената благодарение на извештаите на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, кој уплатил 130.000 долари на порноѕвездата Сторми Дениелс, откако таа тврдеше дека имала вонбрачна врска со Трамп. Оттогаш случајот еволуираше и се фокусираше на можни банкарски измами поврзани со организацијата „Трамп“, наводно предводени од Вајселберг .
– Ниту еден цент не влегува ниту ја напушта организацијата „Трамп“ без да помине низ работното биро на Вајселберг – вели Коен, кој беше осуден на три години затвор поради случајот.
Сега, ситуацијата за Вајселберг може да се промени благодарение на неочекуван играч – неговата поранешна снаа, Џенифер. Таа се разведе од неговиот син Бери Вајселберг во 2017 година и го изгуби старателството над нивните две деца за време на процесот.
Џенифер предала три кутии со лични финансиски записи на истражителите во Менхетн. Спорно е и прашањето за плаќањето данок за нивниот стан, кој бил во сопственост на организацијата „Трамп“, каде што тие живееле без да плаќаат кирија, неколку години по нивната венчавка во 2004 година. Џенифер сметала дека станот е подарок за брачниот пар од семејството.
Таа објаснува дека обесштетувањето на вработените преку други средства, било да се тоа автомобили или плаќање на школарина за децата, е вообичаена практика на Трамп, организирана од Вајселберг. Тоа овозможувало компанијата да ги минимизира даноците додека истовремено добива лојалност.
Вајселберг досега не е обвинет за никакво злосторство и не е јасно дали тој, а камоли Трамп, некогаш ќе бидат обвинети. Во неговите сведочења пред Конгресот во 2019 година, Коен го спомна Вајселберг над 20 пати, давајќи увид во една од посложените задачи извршени од главниот финансиски директор на организацијата „Трамп“.
Кога беше објавено дека на Вајселберг му е даден ограничен имунитет со цел да сведочи во истрагата за Коен, многумина ја протолкуваа неговата соработка со федералните обвинители како конечен крај на лојалноста на Вајселберг. Но, се чини дека сведочењето на Вајселберг беше насочено стриктно кон Коен, човекот кој некогаш тврдеше дека ќе прими куршум за Трамп пред ултимативно да се сврти против него.