Сопственикот на приватната болница за гинекологија и акушерство „Плодност“ од Битола, при. д-р Таше Трпчевски, се откажа од доградбата на болницата. Ова Трпчевски го истакна на денешната прес-конференција, на која со документи и докази ги одби сите претходно изнесени тврдења на градоначалничката Наташа Петровска, според кои тој, наводно, сакал да гради на диво и да плати за 100.000 евра помалку за комуналии во општинскиот буџет.

Трпчевски нагласи дека привремено го става проектот за доградба на болницата во мирување, по сите опструкции што во изминатите неколку месеци ги доживеал од страна на општинската администрација. Сопственикот на „Плодност“ истакна дека платил средства за комуналии во износ пресметан од општинската администрација по решението кое го добил, а на кое е потпишана и градоначалничката на Битола,
Наташа Петровска.

Трпчевски настојувал да се најде решение за  доградба на болницата, согласно позитивните законски прописи, и бил подготвен да плати комуналии во износ од 112.000 евра по новата пресметка, но смета дека од Општината Битола намерно го опструирале тоа.

На прес-конференцијата Трпчевски искажа голема разочараност што општината Битола не го препознала неговиот проект во вредност од над три милиони евра, за доградба на болниацата и ја остави отворена можноста проектот за болницата да го реализира во некој од соседните градови како Прилеп или Охрид.

– Јас сум лекар а не проценител. Јас платив комуналии по пресметката што општинската администрација ми ја достави, а на која е потпишана и градоначалничката Наташа Петровска. Јас воопшто не почнав диво да градам, туку откако платив комуналии градежната фирма го подготвуваше теренот за градба. Доколку сум згрешил подготвен сум да ги сносам последиците, но последиците мора да ги сносат и тие кои ми ја доставија пресметката, а на која стои потписот на градоначалничката Наташа Петровска – изјави Трпчевски, кој најави поднесување на кривична пријава против сите кои се потпишани на Пресметката, како и против Петровска.

За потсетување, Општина Битола обвинува дека приватната болница „Плодност“ ја почнала доградбата на објектот без издадено правосилно одобрение за градба. Од Општина Битола велат и дека приватниот инвеститор почнал да гради без да ги испочитува сите чекори од постапката, посочувајќи дека уплаќањето на комуналии не  значи и стекнување право за почнување градба.

– Сите ние сме еднакви пред законот. Се гради со издадена градежна дозвола и никако поинаку. Никој нема право на ексклузивитет, привилегија и делување надвор од законот – рече градоначалничката Петровска, на неодамнешната прес-конференција свикана во Општина Битола.

Според Трпчевски просторот каде што требаше да биде доградена болницата ќе биде наменет за паркинг на возилата. М.М.