Средношколски белешки

Многу е важно да знаеш кој си, зад што застануваш и како сакаш да се видиш себеси. Ти го имаш целиот твој живот за себе и ти одлучуваш што ќе правиш и како ќе го искусиш ова патување. Нема некој што може да ти каже кој си и како да го поминеш својот живот, затоа што ти одлучуваш сам за себе. Ти го правиш твојот избор, сам ја избираш својата насока и сам ги одредуваш своите чекорења.
Размисли кој си, размисли како се поставуваш себеси спроти другите, размисли и за твоите интереси. Погледни се себеси како личноста која сонуваш и сакаш да бидеш, без да размислуваш за резултатот, твојата способност и луѓето околу тебе. Никој и ништо не треба да те разочара за твоите одлуки и соништа што сакаш да станат реалност. Твојот живот е шанса за остварување на твоите соништа, да го истражуваш светот, да го пронајдеш својот животен сопатник и да живееш многу среќен живот во кој ќе уживаш. Следи ги твоите соништа. Живеј го животот што ти сакаш да го живееш и ти биди личноста од твоите соништа.

Амела Усеиновска 2-1, СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје


Најдобрите и најлошите човечки особини

Сите ние се раѓаме, растеме, созреваме и го осознаваме светот во кој (и за кој) живееме. Светот во кој секој човек припаѓа, без разлика дали доаѓа од друга верска припадност или, пак, има поинаков тен на кожата од мене.
Среќаваме многу телевизиски канали на кои се преснимени филмови со вистинита содржина и, благодарение на социјалните мрежи, кои веќе ја презедоа контролата над нашите животи, сигурно барем еднаш сме налетале на видеа каде што луѓето се потценуваат и не се прифаќаат поради тоа како се облечени, каде живеат, колку можат да си дозволат, поради бојата на нивната кожа, општествениот статус… Овие (не)човечки особини што ги поседуваат луѓето станаа извор на повлекување, молк, срам и тага кај народите што не се прифатени на начинот на кој сакаат да бидат.

Денес луѓето го почитуваат, ценат и гледаат само својот успех и никако туѓиот… Зошто ли е тоа така? Зошто сум различна од нив или тие се различни од мене? Зошто едноставно сите не сме исти? Одговорот на овие прашања е многу едноставен. Сите сме исти и сите ги имаме истите права, како секое дете така и секој родител. Секој заслужува да го живее сопствениот живот, исполнет со убави моменти, многу насмевки, прегратки и убави зборови. Секој има право да се почувствува корисно и продуктивно меѓу толпата како и блиските пријатели и секој има право да ѝ се заблагодари на силата во која верува за уште еден ден што е подарен како правец низ овој свет во кој патуваме, свет полн со искушенија и суровост.

Валентина Крстевска 2-1 СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје