Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ избегаа од соочување на аргументите, тоа е партија која бега од соочување и работи на штета на граѓаните, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Неговата реакција следи откако пратениците на опозициската партија ја напуштија собраниската сала за време на интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Собранискиот спикер, Талат Џафери образложи дека тие задоцниле со поднесување листа на говорници, а ВМРО-ДПМНЕ обвини дека првпат во 30 години на најголемата опозициона партија ѝ е оневозможено да зборува за интерпелацијата на еден министер.
Митрески подвлече дека претходно за прв пат во историјата се случило повлекување на интерпелации кои ВМРО-ДПМНЕ самите ги поднеле, а тоа се интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски.
– Јас искрено не верувам дека го пропуштиле рокот, бидејќи таму има пратеници кои се долго време во Собрание и се искусни. Очигледно е дека денес сакаат да избегаат од фактите и од судирот со вистината за тоа што се случува и со лажните пасоши, двојните матични броеви, возачките дозволи и со сето она што го искажуваат во јавноста како наводни афери. Лесно е да се држат прес-конференции и да се шират лажни вести и невистини. Кога ќе дојде време да се соочат аргументите ние како парламентарно мнозинство сме тука, но очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ знае само да бега и да не работи ништо што е во интерес на граѓаните. Јас уште еднаш жалам што оваа можност како точка на дневен ред, интерпелација која дава можност за целодневна расправа за да се соочат аргументи и факти, сепак ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја напушти пленарната сала – рече Митрески.
Тој изјави дека интерпелацијата поднесена од Алијанса на Албанците и Алтернатива е беспредметна со оглед на тоа што во неа се поставува едно прашање во однос на носењето на одлуката за гласање.
– Таму пишува дека сега сите пратениците имаат можност да докажат дали се за апсење на Мијалков или го поддржуваат неговото бегство. Со оглед на тоа што Мијалков е уапсен и осуден, оваа интерпелација станува беспредметна – оцени Митрески.