Според експертите со кои се консултиравме, иако нашата земја поседува соодветна законска легислатива, таа не се почитува доволно во практиката, при што секојдневна практика кај нас во онлајн медиумите е преземањето туѓи содржини, како текстови или фотографии, без дозвола, па дури и без да се наведе изворот.
Од друга страна, патот на македонското членство во ЕУ е тесно поврзан и со интелектуалната сопственост. Имено, еден од условите што треба да ги исполниме е поглавјето седум, кое се однесува на заштита на авторското и сродните права

ДЕНЕШНИОТ СВЕТСКИ ДЕН НА ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СОПСТВЕНОСТ КАКО ПОВОД

На 26 април се одбележува Светскиот ден на интелектуалната сопственост. По тој повод се наметнува и прашањето колку интелектуалната сопственост се почитува во Македонија и како државата се справува со предизвиците во оваа област. Во глобални, но и во домашни рамки, евидентни се редица примери на прекршувања и злоупотреба на нечиј интелектуален труд, независно дали се работи за кражба на новинарки текстови, музички дела, пиратерија на албуми, филмови, разни форми на фалсификување во сфера на индустриска сопственост и информатичката технологија итн.
Експертите со кои се консултиравме велат дека иако нашата земја поседува соодветна законска легислатива за промовирање на интелектуалната сопственост, нашите закони не се почитуваат доволно во практиката.

Преземањето туѓи текстови голем проблем

Маја Камбовска, докторка на правни науки од областа на интелектуална сопственост и правото на ЕУ, вели дека генерално македонските закони во сферата на интелектуална сопственост и во однос на авторското право и индустриската сопственост, се усогласени со прописите на ЕУ.
Сепак, според Камбовска, она што се јавува како континуиран проблем е спроведувањето во практиката.
– Се работи за комбинација од недокрај прецизирани надлежности на институциите и немање доволно капацитети и експертиза. Ова особено се забележува во однос на повредите на правата од интелектуална сопственост во интернет-просторот, проблем што станува сѐ поизразен на глобално ниво. На пример, секојдневна практика кај нас во онлајн медиумите е преземањето туѓи содржини, како текстови или фотографии, без дозвола, па дури и без да се наведе изворот. Во вакви и слични ситуации, не е докрај јасно кој и на каков начин може да постапи ако повредата се врши преку онлајн платформа, особено ако содржината се пласира на платформа како Фејсбук, чие седиште е во странство – објаснува експертката.
Според Камбовска, за ваквите ситуации, во Законот за електронска трговија постојат одредби, формулирани по примерот на Директивата на ЕУ 2000/31 за електронска трговија, со кои може да им се наложи на онлајн платформите што вршат складирање податоци да ги отстранат по добиено известување за повреда на правата.
– Додека кај нас ваквите одредби воопшто не се доразработени и заживеани во практиката, на ниво на ЕУ интензивно се работи на нови правила и поефикасни механизми за онлајн просторот, за постапување во случај на неовластено користење авторски содржини или, пак, тргување со фалсификувани производи.

Оттука, приоритет на кој треба да посветиме внимание во наредниот период е уредување на онлајн користењето на права од интелектуална сопственост, преку ажурирање на релевантните прописи и воспоставување јасна рамка за спроведување – резимира таа.
Од Државниот завод за индустриска сопственост информираат дека на Светскиот ден на интелектуалната сопственост се истакнува дека интелектуалната сопственост денес е широко признаена како човеково право и таа е заштитена во меѓународното право.
Според нив, таа е дел и од Европската конвенција за човекови права и нејзиниот Протокол број еден, чија потписничка е и Македонија.
Тие информираат дека интелектуалната сопственост претставува придонес за развојот на музиката и уметноста, како и за развој на технолошките иновации, кои се силни чинители за брз развој на општествата.
– Во текот на последната деценија, нашата држава презеде мерки за приближување на степенот на заштита на интелектуалните права со оној што постои на ниво на Европската Унија. Македонија е членка на Светската организација за интелектуална сопственост и Европската организација за патенти и наедно е потписник на сите важни меѓународни договори од оваа област. Двата главни закони што ја регулираат оваа област се Законот за авторското право и сродните права и Законот за индустриска сопственост – се вели во информациите од властите.

И членството во ЕУ зависи од почитувањето на авторските права

Во меѓувреме, патот на македонското членство во ЕУ е тесно поврзан и со интелектуалната сопственост. Имено, еден од условите што треба да ги исполниме кон Унијата е поглавјето седум, кое се однесува на заштита на авторското и сродните права, како и правата од индустриска сопственост.
Според една од публикациите на институтот „Евротинк“, авторското и сродните права се стекнуваат со самото создавање на авторското дело (научно, уметничко или техничко) и не подлежат на посебна формална постапка за заштита, додека правата од индустриска сопственост ги вклучуваат заштитата на патентите, дизајнот, географското потекло на производите и услугите и се стекнуваат преку постапки за признавање и регистрација пред надлежните органи. Европската практика во ова поглавје, која е исправена пред Македонија, има цел заштита на правата на носителите на интелектуална сопственост од неовластено присвојување, користење, копирање и злоупотреба на нивните производи и услуги, заради создавање поволна деловна средина и фер конкуренција.
– Имајќи ја предвид амбицијата на ЕУ да биде лидер во дигитализацијата и иновациите, како и зголемената стапка на прекршување на правата, особено при увозот на стоки во последните години, оваа област е од големо значење и е темелно уредена. Мерките за усогласување, покрај транспозиција на прописите, вклучуваат и издигнување на свеста, ефикасно спроведување и санкции за прекршителите, како и поврзување во базите на податоци и информациските системи и платформи за размена и соработка – се заклучува во истражувањето на „Евротинк“.

[email protected]