Сосема е јасно, драги мои, дека она што ние го нарекуваме интерес на големите сили главно се темели на оставарување на геополитичките планови на Америка, кои поради брегзит во себеси сега ги содржат и интересите на Британија, и интересите на Германија и Франција. И тие интереси и нивното остварување се сето она што го сочинуваат политичкиот наратив и структурата на односите со и во Македонија. И тоа не само во однос на долгорочните политички движења, релации и односи на оваа држава Македонија со трети страни на Балканот, со Европа и со Русија и Кина туку и во внатрешниот однос на живиот живот, на секојдневното постоење, од станување рано наутро до легнување навечер на секој еден од нас, припадник на обичниот „фолкнордмакедоникус“. Мислам дека американската амбасадорка веќе не го крие дневниот распоред на нејзиниот работен ден во канцеларијата на „каленумберонестрит“ од каде што го инструира и контролира функционирањето на сите институции, и на целата влада. Во овој момент ми се чини дека не се дел од тој распоред само работењето на здравствениот началник Венко Филипче и надначалникот Зоран Заев и деловното царството на неговото најблиско семејство, во оној сегмент што го исклучува наркобизнисот.
Сѐ друго, од социјала, образование, здравство, култура, надворешни односи, партии и трала-ла си е на листата на надлежности на губернаторката Кејт Брнс. Не дека било поинаку во последните дваесет години, но тоа, сега е веќе очигледно за секого, дури и за оние што мудро се декларираат како неразбирачи на политиката. И ако е тоа така, а така е, тогаш, навистина ние нема повеќе што да бараме и да очекуваме од нашите политичари, од политичките партии, од државните функционери и службеници, од сите видови административна управа на државно и локално ниво. Мислам дека целата оваа состојба води натаму да стане прашање на денот кога амбасадата на САД во Скопје ќе се вклучи во решавањето на проблемите со пукнатата цевка за вода во Тетово, со раскревањето на депониите во Струмица и заловувањето на кучињата скитници во Аеродром и во Ново Лисиче. Нема веќе на каде. Сите патишта на американската дипломатија во северната џамахирија водат кон ќенефите на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Ромите и другите. Сакам да бидам политички коректен, па затоа сите важни општествено-политички субјекти ги споменувам ординирано. Внимателен сум по вакцинирањето со „Спутник“ да не ме мавне руската пропаганда инсталирана во чипот, сега веќе длабоко вграден во мене. Но, драги мои, она што ме загрижува е постојаното дистанцирање на Западот и на САД од одговорноста за последиците од овој нивен повеќе од дваесет и петгодишен ангажман во организирањето и управувањето со оваа земја и со нашите животи. Навистина е време да се соочат со фактот дека и покрај сите добри намери, ќе бидам искрен и чесен, сепак вистина е дека тие какви-такви намери беа поткрепени со стотици милиони долари, фунти, марки и евра што во кредити, што во грантови, образование, обуки, тренинзи, пренесување знаења и вештини, во еден голем дел со добри намери, оваа земја, очигледно е, назадува во демократските односи, има хаотичен распад на правниот систем, растурено образование, уништено здравство, дисфункционални односи помеѓу различните заедници, тотална разочараност и депресија на оние припадници на видот на хомосапиенсот што тие ги нарекуваат граѓани, изгубена е идентификацијата на истите тие граѓани со сѐ што е или ги асоцира со оваа земја, на која огромното мнозинство не сакаат да ѝ го кажат дури ниту името, и постои тотална незаинтересираност за сѐ што се случува околу нив, во нивните градови, села и животи на оној дел од човечката заедница позната како младина. Она што остана од неа.
Тоа си се факти. Не барам да се согласите со нив. Глупо е, нели? Ова е состојбата на нештата што не може да се разубави, намириса или обои во „апгрејд на шарена револуција 2“ дури и божилакот да ви е палета со магии и бои, а самата божја рака уметникот. И да не бидам погрешно разбран, убеден сум дека оваа состојба дополнително ќе се влоши, затоа што реално нѐ очекува разврска на онаа што оној „непостоен нонпејпер“ на Јанез Јанша го карактеризира како последната фаза од распадот на Југославија, а која во суштина е последната фаза од распадот на Отоманската Империја. Да не се лажеме, за нас Македонците, не зборувам тука за државата самонаречена Република Северна Македонија, утврдивме дека оваа држава не ги содржи и не се грижи за интересите на оние што се чувствуваат и надвор од законот се нарекуваат Македонци по род, ќе донесе хаос, нетрпеливост и војна, која и друг пат сум ја карактеризирал како: секој против секого – господ против сите. Затоа, ова е последниот момент, ама последниот кога треба да се соочиме со фактот дека Америка, Германија и Франција кај и да е ќе тргнат по главата на Александар Вучиќ и дефинитивниот распад на Србија и земјите во кои живееле или сѐ уште живеат Срби, а тоа Македонците ќе ги повлече во истата смрдлива балканска река на уште една битка за веќе остварени позиции во минатите војни.
И не гледам дека нешто, дека некој се подготвува за тоа? Јас од онаа што се нарекува власт ништо и не барам и ништо и не очекувам што, пак, сполај му на севишниот, во однос на нив ме прави слободен човек. Но дополнително ме загрижува што и овој пат наместо да се соочиме здраво со реалноста од постоењето на реални состојби опишани во тој непостоен нонпејпер на „неблагодарните јанези“, делот од општеството што сѐ уште има состојки на ум и знаење нѐ алармира на лаењето на пците што се собираат во глутници и гладни вијат околу нас. Што очекуваме да се случи? Америка ли да ги нахрани тие кучиња со фина храна за домашни миленичиња „мејд ин вашингтон диси“? Ако мислиме дека тоа ќе се случи, се лажеме. Ние сме храната што ќе биде фрлена пред нивните муцки. Така си е тоа. Не знам зошто не сакаме да се соочиме со работи што ни се повториле повеќе од пет пати само во последните сто и дваесет години. До толку ли не паметиме? Па до вчера имавме живи луѓе што истото го поминале од деветстотини и третата преку уриетот до двете балкански и светски војни, сосе распадот на Југославија и создавањето на Македонија. Не разбирам, ама навистина не разбирам на што се темели оваа наша наивност? Па зарем очекуваме Американците, Британците, Германците и Французите да кажат, извинете, ја заебавме работата, сѐ што сме правеле било погрешно, сега сѐ ќе поправиме? Вие што мислите? Дека сме дел од НАТО-пактот и тоа ќе нѐ штити од внатрешна нестабилност и судири? Од денот кога Турција и Грција станале членки на НАТО-пактот, во Турција имало три државни удари, а во Грција еден, во кој беа суспендирани и погазени сите основачки акти на Обединетите нации, хашки декларации, повелби за права на човекот и граѓанинот, демократијата и бла-бла-бла. Војската пушташе тенкови на голораки студенти сред Атина пред очите на сите амбасадори на оние земји што се самонарекуваат слободни и демократски. Ете, за тие што не знаат, повторно го пишувам ова, иако се случило во седумдесеттите години од минатиот век. Да резимираме, Америка и западна Европа се дел, волно или неволно, знајно или незнајно, од поразот на оние вредности што некогаш се нарекуваа демократски и западни. Точка по прашањето. Денес сето тоа е срушено и не постои.
Освен во главите на северџаните. Како ми се намести ова и сам не знам? Ама така е тоа на овој свет, сѐ се врти и сѐ се менува, драги мои. Јас знам, и не очекувам и не барам „западаниџаните“ (и ова ми дојде како пенал на празен гол!) да го признаат овој пораз. Тие не признаа дека ги изгубија војните во Кореја, Виетнам, Либан, Ирак, Сирија и Авганистан од каде што деновиве се повлекуваат како крадци, на прсти, безмалку бегајќи од хаосот што го оставаат зад себеси. Да ви ја спомнувам ли Украина? Западот ги нахушка Украинците против Русија со ветување дека границите на Украина ќе стигнат безмалку до пред Москва, а Украина ќе процвета економски и социјално. Што се случи? Украинците го изгубија Крим, а на пат се да ги изгубат сите источни покраини. За социјалната бездна во која живеат не сакам ни да зборувам. И по вторпат се случи истото. Целата оваа игра околу Украина се играше и во Втората светска војна кога Украина и голем дел од Украинците застанаа на страната на Германија и беа едни од најгрозоморните нацисти, колачи и убијци. Глупо ми е веќе да ги повторувам овие работи, но ајде уште еднаш да се соочиме со фактот дека дури и под претпоставка дека тие, западњаците не учествуваа во рушењето на Југославија, но Америка, Британија, Германија и Франција се самопријавија, самите бараа да учествуваат во создавањето мир, демократија, стабилност и економски просперитет на Балканот, заканувајќи им се на сите други да не се мешаат во таа, природно нивна, западна работа.
За таа цел формираа и реализираа десетици мировни конференции, специјални воени и граѓански судови, територијални, етнички и национални разграничувања, директно формираа или соучествуваа во формирањето на политичките елити, на власт носеа од нив одбрани и обучени политичари и лидери, организираа донаторски конференции, даваа кредити, ги реструктурираа економиите, иницираа, спонзорираа и контролираа реформи во правосудствата, образованието, здравството, социјалната сфера, одбраната, владеењето на правото и развојот на граѓанското општество и демократијата во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Македонија. Триесет години дополнително беа ослободени од притисокот на конкуренцијата од исток, ги контролираа сите медиуми и алатки на пропагандата што во огромна мера остварувањето на тие цели ги прави помеки, поприемчиви, разбирливи и на крајот полесно прифатливи за оние на кои се наменети. И, резултатите? На целиот Балкан владеат хаос, економска катастрофа, нерешени државни, територијални, национални, верски и социјални односи внатре во секоја земја и во односите на секого со секого. Не барам да се согласувате со мене. Глупо е. Кое од ова не е видливо и јасно за кој било човек што има нормални сетила за вид, слух, говор и секако да знае да чита на еден од кој било од балканските јазици? Не барам и не очекувам Западот ова да го признае, и тоа ме прави слободен човек и во однос на тој запад. Само сакам да се знае дека знам оти лажат кога ветуваат дека утре ќе биде подобро, кога е сосема јасно дека тоа подобро не се прави со желбата да биде подобро, дури и под претпоставка таа желба да е искрена и чесна. Не сакам да звучам апокалиптично, но ние сме во средина од геополитичката игра на разместување на силите во должина на балканскиот фронт и прашање е на денот кога од политичките и воените кабинети ќе бидат издадени наредби за распоредување на трупите „ондграунд“.
Се плашам дека Македонија и Македонците повторно ќе бидат само поле каде што ќе се одигра и оваа војна во која ние ќе бидеме само уште еднаш предвреме ожнеани, искастрени, запустени и расфрлани во рововите на секоја од завојуваните страни, еден против друг, во различни униформи и на различни страни. И овој пат, без свои позиции, без свои ровови, без свои воени и повоени програми и планови за преговорите што вообичаено следуваат кога ќе се испукаат пушките. Боже, ќе имаме ли сила да разбереме дека нема да има следен пат? Дека ова е нашата последна шанса да се самоутврдиме. Како и да е, со среќа и довидување до после војната.
Авторот е режисер и универзитетски професор