ФУДБАЛ – НА ЛОИ ВО ТОКИО
САД се во група со Шведска, Австралија и со Нов Зеланд

Репрезентација на САД, чиј селектор е Влатко Андоновски, ќе игра со селекциите на Шведска, Австралија и на Нов Зеланд во групата Г на олимпискиот турнир за фудбалерки, реши ждрепката влечена во Цирих, седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Во другите групи на олимпискиот турнир се репрезентациите на Јапонија, Канада, Велика Британија и на Чиле во групата Е и селекциите на Кина, Бразил, Замбија и на Холандија во групата Ф.
На турнирот за фудбалери, во групата А се Јапонија, Јужна Кореја, Мексико и Франција, во групата Б ќе играат Нов Зеланд, Јужна Кореја, Хондурас и Романија, во групата Ц ќе настапат Египет, Шпанија, Аргентина и Австралија, а во групата Д се Бразил, Германија, Брегот на Слоновата Коска и Саудиска Арабија, информира ФИФА.
На двата турнира по групната фаза ќе следуваат четврт-финале, полуфинале, меч за третото место и финале.


ФУДБАЛ
Неизвесно е дали ЕП ќе се игра во Даблин?

Даблин можеби ќе го пропушти домаќинството на натпреварите на Европското првенство во фудбал летово, откако од ирската влада изјавија дека не очекуваат да го исполни барањето на Европската фудбалска унија (УЕФА) за пополнување на стадионите со 25 проценти од капацитетот, пишува „Би-би-си“. Одложениот турнир треба да се игра во 12 града низ Европа од јуни, а УЕФА треба до утре да донесе одлука за Минхен, Билбао и за Даблин.
Република Ирска, чија репрезентација не успеа да се пласира на Европското првенство, од 14 јуни треба да биде домаќин на три натпревари од групата Е помеѓу репрезентациите на Полска, Словачка и на Шведска во Даблин, а потоа и на еден меч од осминафиналето.
– Сметаме дека јуни е прерано. Мислам дека ако продолжат да инсистираат на тоа (стадионот да биде полн 25 отсто), ќе биде тешко да се игра, што е за жалење – рече ирскиот вицепремиер Лео Варадкар, пренесе „Би-би-си“.
Република Ирска има една од најниските стапки на заразени во Европа со ковид-19, а Владата планира да ги отвора секторите многу постепено, повеќето продавници да останат затворени барем до мај, а хотелите потенцијално да се отворат во јуни, пишува „Би-би-си“.


ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Баерн е на три бода до нова титула

Баерн го совлада Баер со 2-0 во 30. коло на германската фудбалска Бундес-лига и веќе в сабота може да ја осигури 31-та домашна титула. На четири кола до крајот на сезоната во германскиот шампионат, Баерн има 10 бода повеќе од второпласираниот Лајпциг.
Во следното, 31. коло, задутре, Баерн гостува кај Мајнц. Со победа на тој меч, тренерот Ханси Флик може да го освои својот седми трофеј во клубот пред да замине на крајот на сезоната, откако досега ги освои Лигата на шампионите, светската клупска титула, првенството, купот и суперкупот на Германија во минатата сезона, како и Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Баерн е во серија од осум титули во низа во Германија (постојано од 2013 година).