Белград – За три дена, четврток, сабота и недела, со вакцината „Астра Зенека“ се имунизирани повеќе од 22.000 странци, кои дојдоа или по покана на Стопанската комора на Србија или се регистрираа преку порталот на е-управа, кажа директорот на Канцеларијата за ИТ и е-управа, Михаило Јовановиќ. Премиерка Ана Брнабиќ изјави дека од Србија во регионот е испратена најдобра слика за солидарност со вакцинирањето на граѓаните на другите земји и дека сите ќе бидат повикани да се ревакцинираат.
Таа кажа дека се проценува дека Србија ќе мора да уништи 20.000-25.000 вакцини „Астра Зенека“ бидејќи на почетокот на април им истекува рокот и додаде дека Србија не сакала да направи такво нешто, туку да му помогне на регионот со покана на граѓаните од други земји да се вакцинираат. (РТС)

Подгорица – Шефот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Црна Гора, Владимир Билчик, ја повика официјална Подгорица да овозможи слобода на медиумите, бидејќи тоа е една од основните вредности на ЕУ и клучен елемент во процесот на пристапување во Унијата. Тој нагласи дека тоа е област каде што пет последователни извештаи на Европската комисија за Црна Гора велат дека „нема напредок“. (РТЦГ)

Љубљана – Словенечката влада го поддржа предлогот на советодавниот тим за ковид-19 да се воведе единаесетдневно целосно затворање од 1 април.
– Суспензијата на јавниот живот ќе биде кратка. Патоказот за ублажување на ограничувањата ќе започне да се применува повторно на 12 април – рече премиерот Јанез Јанша. (СТА)


Бисер балкански

Политичка кампања за вакцинација

– Кампањата за вакцинација против коронавирусот во Србија би морала да биде агресивна затоа што и вирусот е агресивен. Таа треба да биде силна, како просечна предизборна кампања на Српската напредна партија. Оваа корона трае предолго и сѐ уште ќе трае, но, за жал, не се тргна навреме со смислена акција, што подразбира начин на приоѓање на проблемот. Кампањата треба да иритира на начин што често се прави во политичките кампањи – вели сатиричарот Драгољуб Љубичиќ Мичко, во разговор за Радио Слободна Европа, за тоа дали апелите од власта преку медиумите се доволни за привлекување поголем број на граѓани да се вакцинираат против ковид-19.
Во животот правел многу духовити кампањи, како што нагласува тој, хуморот е последното средство што би го користел во кампањата за вакцинација, иако пораката преку духовитоста најбрзо допира до луѓето.