Фото: Игор Бансколиев

Април ќе биде месец кога очекуваме вакцините да стигнат од повеќе места и, по оваа приоритетна група граѓани над 65 години, да се повикаат и да бидат вакцинирани и други граѓани, тврдат здравствените власти

ПО НАЈАВИТЕ ЗА ПОЧЕТОК НА МАСОВНАТА ИМУНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИЕТО

По пристигнувањето поголема пратка на вакцини против ковид-19 во државата се наметна и дилемата како ќе се одвива процесот на масовна вакцинација на граѓаните.
Први ќе се вакцинираат околу 20.000 лица над 75 години и со хронични болести од веќе пријавените, кои во текот на деновиве преку матичните лекари треба да добијат известување за термините за вакцинација во согласност со местото на живеење во кој пункт и во кое точно време од среда натаму да се јават на вакцинација. Ова вчера го потврди министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека во делот за масовна имунизација веќе почнуваат подготовки и во текот на идната недела ќе биде целосно подготвен големиот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, со 30 позиции за имунизација.
– Нема контраиндикација на граѓани од која било возраст да се вакцинираат со „Астра Зенека“. Секако, треба да комуницираат со матичните лекари за нивната здравствена состојба и во согласност со тоа да закажат термин за вакцинација -посочи Филипче.
Тој вели дека, според најавите од кинеската амбасада, интензивно се работи во делот на обезбедување на точниот датум на транспорт. Компанијата „Фајзер“ дала потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја-членка на ЕУ и тоа е повторно со компанијата „Фајзер“.

– Април ќе биде месец кога очекуваме вакцините да стигнат од повеќе места и, по оваа приоритетна група граѓани над 65 години, да се повикаат и да бидат вакцинирани и други граѓани – рече Филипче.
Според него, анализите на експертите порачуваат ревакцинацијата со „Астра Зенека“ да се случи за три месеци.
– Овие вакцини сега ќе се искористат за примање на првата доза, а веќе во април очекуваме поголеми количества, кои ќе бидат наменети за ревакцинација.
Тој порача граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи, како што рече, ова е специфичен период.
– Има доволно болнички места, нема потреба за паника, но со почитување на мерките сите помагаме трансмисијата на вирусот да се намали – додава тој.
Досега во земјава се вакцинираа само здравствените работници. Изминатиот викенд околу десет илјади македонски граѓани се вакцинираа во соседна Србија.
Филипче ги очекува електронските податоци од здравствените власти во Србија за оние што досега се вакцинирале таму, со цел втората доза да можат да ја примат во матичната држава.
Пред два дена пристигна и првата пратка на вакцини преку механизмот „Ковакс“ во земјава, со овие 24.000 дози на вакцини.


Имунитет кај попишувачите за две недели

Во однос на тоа дали попишувачите ќе влезат во приоритетните групи за вакцинација, со оглед на тоа дека пописот треба да започне за некој ден, и дали тоа ќе има ефект, односно дали ќе има време попишувачите да развијат имунитет од имунизацијата, Филипче посочи дека го очекуваат списокот до 5.050 пријавени попишувачи од страна на Државниот завод за статистика.
– Направивме попишувачите да влезат во приоритетните групи за вакцинација. Пописот е важен за државата, но политичка одлука е дали тој ќе се изврши или одложи. Период од две недели е потребен за да се развие имунитет по примањето на вакцината – додаде Филипче.

[email protected]