Сѐ повеќе преовладува свесноста на обете страни, и на македонската и на бугарската, дека има потреба од одржување на билатералните односи. Сепак, во македонската јавност сѐ почесто и погласно се изразува ставот дека само Македонија (и Бугарија) не треба да бидат страни во преговорите, бидејќи „треба да се бараат и очекуваат отстапки од членката на ЕУ“
Најава за започнување нова рунда разговори со Бугарија
Навредливите, невистинити и провоцирачки изјави на бугарските политичари упатени до Македонија, досега кај одреден број од македонските политичари беа толкувани како „наменски“ за потребите на политичката предизборна кампања во Бугарија. Но рака на срце, таквиот наратив не беше лиферуван само од поединци или партии од Бугарија. И институциите во процедура и соодветна форма и содржина ги практикуваа таквиот наратив и практика. Имено, официјална Софија усвои и декларација во парламентот за своите услови за поддршка на евроинтеграциите на Македонија, доставуваше анекси на одлуката на ЕУ за започнување на преговорите, упатуваше објаснувачки меморандуми до земјите-членки на Унијата, а од името на бугарските институции, државните функционери даваа „завети“ дека нема да отстапат од таквите позиција… Од друга страна, македонскиот официјален институционален наратив сакаше повеќе да верува дека „сето тоа е само поради предизборната кампања“.
Зелена преговарачка маса се подготвува од обете страни?
Парламентарните избори во Бугарија треба да се одржат в недела, на 4 април, а по конституирањето на бугарскиот парламент и Владата, македонската влада очекува да се интензивираат преговорите за наоѓање заедничко решение за надминување на причините за ветото. Според повеќемина аналитичари од двете страни, причината, но и решението на актуелниот македонско-бугарски проблем е до Договорот за добрососедство од 2017 година, пред сѐ во формулацијата „заедничка историја“, која дијаметрално различно се толкува на двете страни. Од бугарска страна дури се пласираат идеи за нов договор, со кој попрецизно и построго Бугарија сака да ги наметне своите историско-идентитетски услови како посебно поглавје во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија.
И покрај свесноста за потребата од одржување на билатералните односи со Бугарија, во македонската јавност сѐ почесто и погласно се изразува ставот дека сепак само Македонија (и Бугарија) не треба да бидат страни во преговорите, бидејќи „треба да се бараат и очекуваат отстапки од членката на ЕУ“.
Кои се размислувањата на македонски интелектуалци
Професорот Мирослав Грчев има јасен и дециден став.
– Услов за какви и да се преговори со бугарската држава мора да биде претходно повлекување на објаснувачкиот! Треба да биде јасно дека многуте полиња во кои нашите држави и народи можат да се поврзат и приближат – сѐ додека агресивните ставови со кои Бугарија полага историско право на македонската земја, а македонската крв ја смета за бугарска – се комплетно погрешна и геополитички апсурдна работа. Така што – не, бугарската понуда не само што може да се одбие туку за неа не треба ниту да се преговара – пишува во своја колумна професорот Мирослав Грчев.
Со сличен тон е и процената на колумнистот Сашо Орданоски, кој констатира дека „балканскиот инает не е добар рецепт за остварување на стратегиските интереси на Унијата на овој дел од континентот“.
– Бугарите деновиве повторно се најдоа „изненадени“ од предложените корекции во извештајот за РСМ што треба да се гласа во Европскиот парламент, во чиј амандман се критикува бугарската актуелна политика кон Македонија. Во суштина, повторената порака – дека „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на бугарската влада (се мисли токму и на г-ѓата Захариева – м.з.) во однос на историските прашања што ја засегаат Македонија и се противречни со духот на Договорот за добрососедски односи со Бугарија…“ е дека балканскиот инает не е добар рецепт за остварување на стратегиските интереси на Унијата на овој дел од континентот – напиша Орданоски, пред гласањето на извештајот на ЕП за Македонија, минатата седмица.
Без вжештени глави при продолжување на македонско-бугарските преговори
За смирување на тонот при продолжување на македонско-бугарските преговори, универзитетската професорка Солза Грчева смета дека за почеток сепак многу е важен распоредот на силите во бугарскиот парламент по тамошните избори. Односно, доколку партијата ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов не влезе во новоформираната влада, Грчева смета дека би постоеле минимални шанси за одредено нормализирање на преговорите по бугарските избори. Сепак, Грчева смета дека се погрешни дипломатската стратегија на Македонија и водењето преговори со Бугарија, туку силите треба да се насочат пред се кон европската дипломатија.
– Веќе стана ирационално прашањето кога Македонија ќе ги започне преговорите и ќе влезе во ЕУ. Како некој намерно да ни го оттргнува вниманието со надворешнополитички проблеми, за да не се гледа дека не се презема ништо во внатрешното уредување на државата според критериумите и стандардите на ЕУ. Треба да се соочиме со актуелниот момент дека сега ЕУ не е заинтересирана за проширување, а дека Бугарија само одработува во тој интерес, притоа секако обидувајќи се да си издејствува концесии за себе од Македонија. Сепак, во одреден момент ќе се „наместат картите“ и за Македонија во ЕУ. Во меѓувреме, за да не бидеме „лошото дете“, преговорите со Бугарија нека продолжат проформа, без никакви отстапки за македонскиот идентитет, историја, јазик… Конечно, и ние мораме да донесеме една декларација во Собранието, со македонските црвени линии, како противтежа на таа од бугарското собрание – смета професорката Солза Грчева.
Да се прекинат секакви разговори и договори што би се однесувале на македонската историја, јазик, култура
Љубомир Цуцуловски е уште покатегоричен во однос на какви било понатамошни билатерални разговори што би се однесувале на македонската историја, јазик, култура… и сето она што ја одредува содржината на националниот идентитет.
– Треба да се прекинат секакви разговори и договори со Бугарија, кои би се однесувале на македонската историја, јазик, култура… и сето она што ја одредува содржината на националниот идентитет. Нема договор за работи за кои не расправа. Но прекинот на таквите преговори не треба да значи и прекин на соработката со Бугарија, на економски, сообраќајно-транспортен, културен… план. Билатералната соработката треба да се одвива како меѓу секои две рамноправни и суверени држави, со нормална демократска комуникација. Во таа смисла, нема никаква потреба од специјални договори за добрососедство и постоење на некакви посебни комисии. Билатералната соработка треба да се одвива преку официјалните институции на двете земји. Со продолжување на преговорите со Бугарија, влегуваме во иста стапица како со Грција – категоричен е професорот Љубомир Цуцуловски.