Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со едночасовно исклучување на светилките, поддршка на оваа акција ќе дадат градските власти, кои ќе ги исклучат светилките на повеќе локации во градот. Светилките ќе бидат изгаснати еден час и во претседателската вила „Водно“, како и во зградата на Владата

ЕДНОЧАСОВНО ПОМРАЧУВАЊЕ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД ЗАРАДИ СВРТУВАЊЕ НА ВНИМАНИЕТО КОН ЕКОЛОШКИТЕ ПРОМЕНИ

„Часот на планетата Земја“ симболично почна да се одбележува од 2007 година во Сиднеј. Оттогаш се поминати повеќе од десет години, а останува овој ден симболично да се одбележува во повеќе од 180 земји и осум илјади града низ светот. И Скопје како главен град веќе неколку години е дел од оваа кампања, со која се свртува вниманието кон природата и кон заштитата на животната средина.

ГРАДОТ, ОПШТИНИТЕ И ГРАЃАНИТЕ СО ПОДДРШКА

Метрополата денеска (сабота) во 20.30 часот симболично ќе биде дел од „Часот на планетата Земја“ кога симболично се исклучуваат светилките, не за да се заштеди електрична енергија, туку за да се сврти вниманието на јавноста кон фактот дека мораме итно да дејствуваме во намалување на ефектите од климатските промени, затоа што од тоа зависи нашата иднина на оваа планета.
За таа цел градските власти ќе ги исклучат светилките на плоштадот „Македонија“ каде што ќе биде исклучено осветлувањето на сите споменици, на Камени мост, на скопската тврдина Кале, на мостот „Око“, палатата „Пелистер“, Ристиќевата палата, „Сити галери“, на плоштадот „Филип Втори“, на новиот мост кај МНТ, на Мостот на уметноста и Колонадата.
– Град Скопје и оваа година ќе се вклучи во одбележување на Светскиот ден за заштита на животната средина „Часот на планетата“ со свој претставник на дигиталната конференција и со исклучување на светилките – информираа градските власти.
Со едночасовно исклучување на светилките, поддршка на оваа акција ќе даде и претседателот на земјава, Стево Пендаровски, со што светилките ќе бидат изгаснати на вилата „Водно“, зградата на Владата исто така еден час ќе биде во мрак, а светилките ќе бидат исклучени и во парковите во скопските општини Аеродром и Карпош.

И Општина Карпош се приклучува кон акцијата „Час на планетата Земја“.
– Локалната самоуправа ќе го изгасне јавното осветлување на три локации: плоштадот „Делфина“ во Влае 2, плоштадот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во урбаната заедница Пецо Божиновски-Кочо и платото на „Млечен“, во УЗ Владо Тасевски. Со исклучувањето на светилките, во времетраење од еден час, испраќаме силна порака за спас на планетата Земја. На овој начин се потсетуваме на значењето на електричната енергија, но и на влијанието на климатските промени – информираат од Општината.
Со исклучување на светилките поддршка на оваа акција ќе даде и Општина Центар.
И некои скопјани велат дека ќе се приклучат со симболично исклучување на светилките.
– Секоја година ги исклучуваме светилките. Иако е симболично, сепак сметам дека тоа е голем придонес за да го свртиме вниманието од сите други работи, а да се фокусираме на она што иако не му обрнуваме внимание, треба да ни е најважно, а тоа е животната средина. Како би живееле доколку Земјата не ни е здрава? Токму тоа е целта на оваа кампања и токму затоа и учествувам секоја година – вели Ангела Трајкова.

ИТНО ДЕЈСТВУВАЊЕ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Целта на акцијата не е во штедењето електрична енергија во тој едночасовен еколошки мрак, туку во пренесување порака дека мораме итно да дејствуваме во намалување на ефектите од климатските промени, затоа што од тоа зависи нашата иднина на оваа планета.
– Со докази што упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со ковид-19, „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (ВВФ) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета – вели Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата „Часот на планетата Земја“ во Македонија.

Тој додава дека само почитувањето на правилата што ги диктира природата е услов да го вратиме изгубениот баланс на Земјата.
– Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет – додава Селков и ги повикува граѓаните масовно да учествуваат и со едночасовно исклучување на светилките да го поддржат „Часот на планетата Земја“.