Ако прифатиш да си дел од експеримент, готово е. Уште ако прифатиш да експериментираат врз тебе затоа што ти ветиле дека оттаму ќе излезеш поубав и поумен, како со нордистанците, нема простор за лигавење и гневење. Сам си избрал да бидеш лабораториски стаорец. Штом влезеш доброволно во лабораторијата, нема бегање
Не знам што да ви пишувам. Не сум тука. Во една приказна се изгубив. А кога се губам во нешто, јас тоа го правам со сета жестина. Затоа денес од мене колумнист, не бидува.
Добро, знам дека ве интересира во каква тоа приказна сум заглавил? Нормално, во љубовна приказна. Со многу војни, премрежиња и страдања. Не паничете, не е тоа приказна што ја живеам. Приказната ја пишувам. Ама кај мене тоа ви е исто. Пишувам, значи живеам или живеам за да пишувам. Да ви ги измешам малку Декарт и Маркес. Како и да е, мојата опсесија што ја пишувам сосема ме исфрли од стварноста. Па така, од ова колумна не бидува.
Отворам јас одвреме-навреме Фејсбук. Кога правам пауза да испушам цигара. Ама бидејќи концентрацијата ми е на совршено слабо ниво за перципирање на стварноста, информациите ми играат пред очи, само не влегуваат доволно за да можам логично да ги проценам.
Следам јас дека вие плачете поради она што ве опкружува. Некои од вас и се гневат. Трети се на крајот од нервите. И јас тука навистина не знам како да помогнам. Можам само да ви раскажам приказна.
Се викаше Даглас Адамс. Јас го нареков така. По генијалниот Британец. Човекот што го напиша најсмешното петокнижие. Автостоперски водич низ галаксијата. А низ тој водич се откриваат илјадници вистини. Една од нив е кои се трите најинтелигентни суштества на Земјата. Најинтелегентни се стаорците. По нив се делфините, па луѓето. Во таа чест го крстив Даглас Адамс. Мојот албино стаорец.
Одлучив врз него да извршам експеримент. Вообичаено за лабораториски стаорци. Експериментот ќе се состои во тоа што нема да има никаков експеримент. За мој Даглас нема да има правила. Така и постапив. Имаше кафез, ама секогаш стоеше отворен. И тој го користеше само за две работи. Да јаде и да пие вода, зашто таму му беа сместени и да трупа во него сè што краде од масата. А крадеше сè што може да дофати. Од цигара, до колачиња. Еднаш се обиде цела неотпакувана „ресана“ да внесе во кафезот. Успеа да ја одвлечка, ама не можеше да ја пикне низ отворот. Даглас правеше и други чудни работи. Се исправаше на задни нозе и пиеше пиво од кригла. Се пикаше по женски чанти и вадеше разни предмети. Грицкаше облека. Спиеше на мојата перница. Така тој уживаше во експериментот наречен слобода. А можеше за него сосема поинаку да биде. Ако бев суров човек, ќе му спроведев експеримент кафез и тој вечно ќе седеше зад решетки. Сакал нејќел, ќе мораше да се навикне. Не поднесувам животни во кафези. Јас би ги забранил сите зоолошки градини. Друго е муабетот. Така, во новава светска нормалност, се однесува моќта со луѓето. Тие се лабораторијата, ние експериментот, околу нас е кафезот.
За разлика од експерименталните глувци, човекот се раѓа слободен да избира. Дури и оние врз кои изопачената моќ ѕверски, на сила сака да врши експерименти, имаат избор. Се сеќавате на сцената со Евреинот? Нацистот во концлогор им заповеда на Евреите да клекнат пред него. Кој нема да клекне ќе биде убиен. Сите паѓаат на колена, освен еден. Ти зошто не клечиш, праша нацистот. Јас сакам да умрам исправен, гласи одговорот. Така и умре, исправен.
Ако прифатиш да си дел од експеримент, готово е. Уште ако прифатиш да експериментираат врз тебе затоа што ти ветиле дека оттаму ќе излезеш поубав и поумен, како со нордистанците, нема простор за лигавење и гневење. Сам си избрал да бидеш лабораториски стаорец. Штом влезеш доброволно во лабораторијата, нема бегање. Ќе експериментираат со тебе додека не ги добијат зацртаните резултати. Муабетот, ама не знаев во што влегувам, тие ме излажаа, има логика само ако ја каже глушецот што му ставиле сиренце во стапица.
Ми пролета уште една интересна информација. Руска телевизија пушти снимка со Навални. Не знам која телевизија. Ја прочитав информацијата. Како и да е, пуштиле постара снимка од Навални. Јас ја имав видено пред неколку години. Поим немав тогаш кој е ликот. Не можев ни да замислам дека евролицемериве и русофобиве на далечинско денес ќе се трескаат по него.
На снимката Навални се однесува како да тера топ-шоп кампања. Стои во некакво зеленикаво студио. Гледа во камера. Ѝ објаснува на публиката како да се справи со џиновски лебарки. Покажува дека и тепалка и влечка знаат да бидат корисни за нивно истребување. Чудното е што додека зборува како да се справите со лебарки до него има слика на неколку брадести мажи. Според тоа како се облечени, јасно е дека се муслимани. А потоа во студиото упаѓа нешто. Велам нешто, зашто е нејасно за што точно станува збор. Прво личноста што упаѓа ја гледаме од грб. Второ, покриена е со црна наметка од глава до петици, па нејасно е дали симболизира забулена жена, муџахедин или бедуин. Трето, штом упадне, а упаѓа со намера да го нападне Навални, снемува струја. Во мракот се слушаат неколку истрели. Кога ќе се врати светлото гледаме интересна ситуација. Оној или онаа, од глава до петици во црнина, лежи долу. Навални со пиштол во раката. Се врти кон камера и порачува дека за ваквите лебарки и ова е решение. А мавта со пиштол.
Прекрасна кампања, нели? Претпоставувам сосема ги исполнува вредностита на Европската Унија. Ултрадесничар што мрази муслимани, црнци и мигранти. Далеку подобро решение од Путин, ако се праша Западот, оти во спотот гласно го кажува она што тие, западњаците, длабоко во себе го кријат, ама негуваат.
Јас пак не ги разбирам Русите. Можеа едноставно да им го испорачаат Навални во пакет со вакцини на нордистанците. Нордистан ќе му помогнеше да извади бугарски пасош, па да ги преставува в година на Евровизија.
Уште еден детаљ не ме изненади. Затоа и не навлегов детално во него. Сиромашни африкански земји побарале помош од моќните околу пандемијава. САД, Британија и ЕУ ги одбиле. Таква е реалноста. Блек лајвс медр, не се баш битни секогаш. На Американците им требаа како политичка кампања против Трамп. Британците ги тераат фудбалерите да клечат, демек поддршка за црните животи, ама поважно им е интервјуто на Хари и Меган отколку животите на Африканците. За ЕУ глупо ми е да зборувам. Па не се Африканците Навални да се трескаат по нив.
Вака така, излезе колумна. Простете за нејзината просечност. Ви реков, заглавен сум во љубовна приказна.