Европската агенција за лекови објави дека нејзиниот одбор за безбедност ќе организира состанок на експерти на 29 март, со цел дополнително истражување на случаите на згрутчување на крвта и можната поврзаност со вакцината на „Астра зенека“ и Универзитетот „Оксфорд“.
Надворешни експерти од областа на медицината и двајца претставници на јавноста треба да ги презентираат своите ставови за можните причини за формирање тромбови, како тие се појавуваат, како и за потенцијалните ризици, објасни ЕМА.
ЕМА и Светската здравствена организација минатата недела повторно застанаа зад вакцината, тврдејќи дека е безбедна и дека придобивките што ги дава вакцината се поголеми од можните ризици од несакани ефекти.
Но, анкетите покажуваат дека довербата на Европејците во вакцината на „Астра зенека“ паднала на ниско ниво откако најмалку 17 земји ја прекинале или одложиле нејзината употреба.
Земјите одлучија да го сторат тоа поради извештаите за формирање на тромб и крвавење по вакцинацијата.
Комитетот на ЕМА за процена на ризик во областа на безбедноста на лековите за човечка употреба (ПРАЦ) почна итна анализа на згрутчување на крвта, вклучувајќи ретки случаи на згрутчување на крвта во мозокот.
Нивните ревидирани препораки се очекуваат меѓу 6 и 9 април.
„Астра зенека“ повторува дека нивните студии не покажале никаква причинско-последична врска помеѓу вакцините и згрутчувањето на крвта.