Сараево – Во Босна и Херцеговина само во последните 24 часа има 1.852 новоинфицирани со коронавирусот, а пријавени се 62 смртни случаи во јавните здравствени установи. Здравствените власти предупредуваат дека болниците се преполни, а во моментов во БиХ има 14.047 активни случаи на ковид-19. Во Босна сѐ уште не е почната масовната вакцинација, се чекаат поголеми дози вакцини. Кина обезбеди донација од 50.000 дози вакцини. („Аваз“)

Загреб – Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседателот на парламентот, Гордан Јандроковиќ, и министерот за здравство Вили Берош вчера јавно се вакцинираа со вакцината „Оксфорд/Астра Зенека“.
– Мислам дека е испратена силна порака до медицинската наука и професија, особено затоа што се вакциниравме со „Астра Зенека“ – изјави Берош пред новинарите по вакцинацијата. („Јутарњи“)

Софија – Вкупно 87 од кандидатите за пратеници за новиот состав на бугарскиот парламент биле поврзани со поранешната комунистичка Државна безбедност и разузнавачките служби на Бугарската народна армија до 1989 година. За 15 од кандидатите на опозициската Бугарска социјалистичка партија е утврдено дека имале врски со поранешната Државна безбедност. Од ВМРО има седум, од Движењето за права и слободи – осум, а во списоците на ГЕРБ има само еден. („Независен“)


Бисер балкански

Полиграф за економски ветувања

– Нема таков полиграф што би ги преживеал сите економски лаги на претседателот на Србија. Буквално цела година во секој настап нѐ уверуваше дека е апсолутно сигурен дека Србија оваа година, според стапката на раст на БДП, ќе биде прва земја на европскиот континент, иако сите меѓународни институции објавуваа дека Србија во 2020 година ќе има пад на БДП. Евростат објави дека земјата со падот од еден отсто на БДП е на петто место во Европа, според овој показател. Два дена по објавата на Евростат и Александар Вучиќ ја смени плочата и, наместо извинување за изнесените невистини, добивме само ново ветување – нашата земја и во 2021 година ќе биде меѓу петте економски најуспешни држави, според стапката на раст во Европа – изјави Душан Никезиќ, функционер во Партијата слобода и правда, за најновите економски податоци, кој посочи дека од Србија секоја година се иселуваат околу 60 илјади лица, во потрага на подобар живот.