Денес, во Седиштето на Алијансата во Брисeл, се одржа вториот ден од Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи на кој учествуваше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Министерот Османи за време на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО потенцираше дека “Република Северна Македонија ги дели истите вредности со сојузниците и дека државата е спремна да придонесе за заштита на безбедноста и унапредување на соработката.”
На денешната трета сесија беше нагласена потребата за зајакнување на стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ.
– Слично на НАТО, и европската перспектива ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Не треба да дозволиме амбивалентноста да резултира со дивергенција која би можела лесно да се искористи од надворешни актери. Затоа, придружувањето на Западен Балкан кон ЕУ е од значајна важност – истакна министерот Османи.
На маргините на денешниот состанок министерот Османи оствари билатерална средби со Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугустос Сантос Силва воедно земја претседавач со Советот на ЕУ. Двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Република Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство.
Министерот Османи оствари средба и со министерот за надворешни работи на Финска, Пека Олави Хаависто. На средбата соговорниците разменија мислења за блиското партнерството помеѓу НАТО и Финска, европската агенда на Република Северна Македонија и процесот на проширување со ЕУ како и можностите за продлабочување на севкупните односи преку унапредување на политичкиот дијалог.