Претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, последен пат во јавноста е виден пред 17 дена и почнаа да се шират гласини за неговото лошо здравје, а танзаниските власти сè уште не даваат јасен одговор каде се наоѓа.
Дури и само прашањето каде е претседателот доведува до апсење бидејќи владата се обидува да ги задуши гласините.
– Што и да е, очигледно е дека режимот се обидува да купи време. И режимот купува време ако претседателот е многу болен, неспособен или мртов – рече Ник Чизман, политички научник и професор по демократија на Универзитетот во Бирмингем.
Магуфули последен пат се појави во јавноста на 27 февруари. Симптоматично е што овој ревносен католик пропуштил три неделни миси од кои честопати ѝ се обраќал на заедницата.
Само неколку дена претходно, министерот за финансии Филип Мпанго кашлаше и дишеше тешко на прес-конференцијата што ја свика за да ги разбие гласините дека претседателот починал од ковид-19.
Отсуството на 61-годишниот претседател се совпаѓа со серија смртни случаи и болести кои се припишуваат на респираторни проблеми или пневмонија.
Магуфули со месеци инсистираше на тоа дека вирусот повеќе не е во Танзанија, бидејќи тој бил истеран со молитва. Тој одби да носи маска за лице или да преземе мерки за затворање.
Земјата престана да објавува податоци за заразените во април 2020 година.
Но, една недела пред последен пат да биде виден, Магуфули призна дека вирусот сè уште циркулира.
Лидерот на опозицијата во Танзанија, Тунду Лису, кој е во егзил во Белгија, и други започнаа да поставуваат прашања во врска со отсуството на Магуфули, повикувајќи се на извори дека тој е сериозно болен од ковид-19.
Лису на Твитер напиша дека неговите разузнавачки извори велат дека тој е на интензивна нега поради ковид-19 и дека едната страна од неговото тело е парализирана по мозочен удар.
Се шират гласини дека Магуфули е тешко болен, во болница во Кенија или Индија, додека според други тој воопшто не ја напуштил Танзанија.
Владата на Танзанија не рече скоро ништо за претседателот освен дека оние што шират гласини ќе завршат во затвор.