Муамед Сејдини е избран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со мандат од 2021 до 2025 година, на редовното изборно Собрание на кое присуствуваа 52 од 53-та делегати кои му дадоа поддршка на актуелниот прв човек на македонскиот фудбал, објави ФФМ на својата интернет страница.
На присутните на Собранието им се обрати гостинот од УЕФА, директорот на Националните асоцијации, Зоран Лаковиќ, а во видео изјава изборот на Сејдини му го честиташе и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
– Чест е да се биде претседател на ФФМ. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развојот на македонскиот фудбал. Годината 2020 на фудбалски план ќе ја паметиме по најголемиот успех и по пласманот на првото Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат. Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На репрезентацијата им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и во Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати.
Поддршка, техничка, финансиска и логистичка, како и досега, ќе добијат и сите други национални селекции. Тоа е нашата репрезентативна база и ќе продолжиме да ги надградуваме младинските селекции и Академијата на ФФМ.
Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена – истакна Сејдини по изборот.