Италијанските археолози откриле церемонијална кочија во близината на древниот римски град Помпеја. Кочијата на четири тркала е пронајдена во близината на шталата во која се откриени три коња уште во 2018 година. Овој наод е опишан како „исклучителен“ и „многу добро зачуван“, а стручните лица веруваат дека најверојатно е користена за свечености и паради. Кочијата е пронајдена во двокатен трем, кој бил поврзан со шталите на древната вила во местото Чивита Џулијана, северно од ѕидиштата на древниот град. Церемонијалната кочија има железни компоненти, преубави украси од бронза и лим, како и јажиња и цветен украс, кои како и да не се допрени, како што стои во описот што го дале археолозите.
Археолозите велат дека напорите на безбеден начин да ја „ослободат“ кочијата траеле со недели откако првпат се појавиле нејзините контури за време на ископувањето на 7 јануари. Поради кршливоста на вклучените материјали, тие со посебни техники вршеле ископувања, вклучувајќи калапи од гипс. Отежнувачка околност претставувале и крадците што користат илегални тунели до наоѓалиштата, така што ископувањето било изведено во соработка со локалната полиција. Официјалните лица ја опишале кочијата како паралелна помеѓу другите наоди во Италија.
– Ова е извонредно откритие што го унапредува нашето разбирање на древниот свет – рекол за медиумите Масимо Осана, директорот на наоѓалиштето.
Тој изјавил и дека некои украси на кочијата алудираат на тоа дека таа се користела за свечености, вклучувајќи и церемонии на венчавање.
– Со оглед на тоа дека древните извори алудираат на употребата на церемонијалните кочии од страна на свештенички и дами, не може да се исклучи можноста дека ова била кочија што се користела за ритуали во врска со бракот, за водење на невестата до нејзиното ново домаќинство – рекол Осана.
Древниот град, кој се наоѓа на околу 23 км (14 милји) југоисточно од Неапол, се наоѓа под заштита на УНЕСКО. Обично е едно од најпопуларните италијански туристички места, но сега е затворено поради пандемијата на коронавирусот.